fbpx

Мирослав Богдановски: Подгответе се, зимава ќе има високи казни за загадувачите на воздухот

-

Првиот човек на Инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, е на чело на сектор кој има 11 инспекции, а најчесто е во фокусот на јавноста кога таа бара акција против оние кои палат огнови на отворени површини и загадуваат. Мета разговараше со Богдановски на тема: Колку може да стори градската инспекција да се намали загадувањето на воздухот во Скопје?

Деновиве изјавивте дека на инспекторите им а потребна асистенција од полиција за да можат на терен да утврдат кој ја крши забраната за палење огнови на отвоен простор и да казнуваат. Каква е сега состојбата на терен?

– Комплицирана. Тимовите составени од двајца инспектори, комунален и од животна средина и комунален редар се постојано на терен со дежурства, а активиравме и снимање на теренот со дрон за да утврдиме каде точно се пали. Ќе повторам дека помош од МВР ни е потребна бидејќи инспекторите се соочуваат и со закани на терен, две од нив се жени… При интервенција на терен се случило да биде затекнат сторителот, но тој тврдел дека е дојден на лице место за да го гаси огнот за да не се рашири. Нема начин да се утврди дали тој е всушност лицето кое палело освен ако баш не го затекнете со ќибрит во раце. Исто така, инспекторите немаат ингеренции да ги легитимират сторителите, тие честопати не даваат лични карти и лични податоци.

Инспекторите не можат да легитимираат но комуналните полицајци-да. До каде е реализацијата на најавата скопскиот градоначалник за формирање на комунална полиција?

– Се работи на предлог-законското решение. Пристигнати се забелешките од неколку министерства и треба да се усогласиме околу деталите. Комуналната полиција која би била под инспекцијата е алката која сега недостасува. Комунален полицаец ќе може и да легитимира и да апси ако сторителот пружа отпор, да го документира прекршокот со снимки за да можат случаите да се процесираат.

Дали градската инспекција има доволно луѓе, средства и ингеренции да се справи со прекршителите кои загадуваат?

– Во октомври кадровски ќе се доекипираме, а некои од инспекторите ќе бидат прераспределени на други места поради тоа што не ги исполниле зададените обврски па дури и опструирале. Веќе година дена се молиме со некои луѓе да покажат иницијатива и да пронаоѓаат прекршители. Тринаесет години Градската инспекција немала раководител и некои луѓе потешко се соочија со поинаков начин на работа, а јас не сум задоволен од резултатите. Инспекторатот за 40 инспектори има во моментов 5 возила, ниту едно не е теренско, ама барем имаме за првпат после многу години две нови. Потегнавме измени на околу 15 закони – Закон за јавна чистота, Закон за животна средина, Закон за спорт, за туризам и угостителство… Сите барани измени се во насока на зголемување на ингеренциите на градските инспектори кои би постапувале против прекршителите. Она што ни е посебно важно, минатиот декември инициравме измена на правилникот за гранични вредности за печки до еден мегават, кој досега им оневозможуваше на инспекторите да пишуваат прекршочни казни, а кој уште не усвоен во Министерството за животна средина иако е документ од една страница. Процедурата на пеглање на предлогот е веќе завршена и само чека потпис од министерот. Инспекторите со години биле со врзани раце за да казнуваат загадувачи токму со овој правилник, па сепак никој до сега не иницирал негова промена. Сите молчеле.

Ако биде усвоен до почетокот на грејната сезона, како тоа ќе се одрази на вашите активности за санкционирање на загадувачите?

– Ќе видите какви и колкави казни ќе има за прекршителите. Досега имавме премалку случаи на казнување во однос на тоа колкав град е Скопје и колкаво е загадувањето. Оваа зима ќе биде многу интензивен тој процес на инспектирање и граѓаните ќе можат да видат многу зголемени контроли над индустриските капацитети кои се под наша надлежност бидејќи во Скопје има многу такви објекти чии емисии од оџаците ги надминуваат граничните вредности. Еден типичен случај кога интервениравме беше поради црн чад од оџакот на зградата на ЈП Македонски шуми. Веднаш пративме инспектори, беа измерени повисоки од дозволените вредности на емисиите, беше петок, луѓето за време на викендот викнале мајстори и се испоставило дека било потребно штелување на бренерите, значи количеството воздух при согорувањето не било соодветно. Такви случаи, кога со интервенција на инспекцијата едноставни технички интервенции може да се ублажат штетните емисии воопшто не се реткост.

Пред една година најавивте дека со дрон ќе ги ловите загадувачите на подрачјето на град Скопје. До каде е сега реализацијата на таа најава? Има Инспекторатот дрон или нема?

– Во јавноста провејуваат информации дека Инспекторатот купил некаков дрон од 100 илјади евра, но вистината е дека немаме дрон туку ние имаме склучено договор за изнајмување на дрон со лице кое управува со него и со него ќе се снима теренот кој сакаме да го истражиме за црните точки и активностите на инспекторите ќе ги насочиме онаму каде дронот ќе забележи сомнителни активности. Тоа би требало значително да ја зголеми ефикасноста на инспекцијата.

Во ромските населби под Кале зимоска постојано се палеше отпад, кабли, има ли некаков епилог на таа состојба?

– Како инспекторат имавме засилени дежурства таму. Но, алармиравме и до МВР и до Министерство за труд и социјала бидејќи таму имаме лица кои се фантоми, без лична карта, без живеалишта, но полицијата често не доаѓа веднаш, додека да дојде, сторителите избегале… Јас знам дека перцепцијата на јавноста е дека инспекцијата е семоќна и секаде може да интервенира, но, ете и  во случаите како со овие ромски населби сме немоќни. Се знае кој треба да постапи ако некое лице нема лични исправи или потекнува од странство или живее на јавна површина, има соодветни државни органи за сето тоа. Засега сè завршува така што социјалните служби ги посетуваат тие луѓе и ги прашуваат: Сакате ли да ве сместиме во Чичино Село, а тие велат – не, и на тоа завршува… Еве вчера инспекцијата интервенираше на случај кога една група Роми од Косово блиску до некогашен Саем палеше гуми во напуштената зграда во близина. Инспекторите биле нападнати од тие луѓе, меѓу нив има и зависници, агресивни лица, противпожарни возила исто беа спречувани да интервенираат… Се знае кој може да апси и приведува, а тоа не е инспекцијата.

Што е со дивите отпади кои го откупуваат бакарот од запалените кабли?

-Тоа е она што претходно го спомнав кога некои од инспекторите не сакаа да си ја завршат работата. Имаме лоцирано неколку диви отпади и таму може да се оди со кривични пријави, инспекторите требаат да го спроведуваат законот. Така постапивме со случајот на дивата депонија во Бутел, каде отидовме со кривични пријави.

Каква е соработката на Градскиот со Државниот инспекторат за животна средина?

– Има некаква соработка, но не е доволна.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Може да се раскине кој било договор, прашање е цената

Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на договорите со Бугарија и Грција „е лесно“ и „малку потешко“. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко се раскинуваат билатералните и...