fbpx

Мириса на договор меѓу Адеми и Неделков!

-

Штрајкот на просветните работници, кој почна минатиот вторник, сè уште трае, но по посетата на претседателот на Европскиот синдикат за образование, Мартин Ромер, мириса на договор помеѓу СОНК и ресорните министерства. Ромер вчера неколкупати нагласи дека мора да се воспостави дијалог.

– Целосно го поддржувам штрајкот на СОНК и дојдов тука да видам дали може да најдеме простор за сите засегнати страни да седнат на преговарачка маса. Многу е важно да се одржи социјален дијалог, а тоа беше и првата порака што им ја пренесов и на министрите на средбите – рече вчера Ромер.

Од Министерството за образование и наука, исто така, велат дека остануваат отворени за средби со СОНК.

– Од август 2014 година до средината на  јануари 2015 година, работни групи на МОН и на СОНК реализираа неделни состаноци за одредени теми, а реализирани се и неколку средби на највисоко ниво. За дел од темите постигнато е приближување на ставовите, а разговорите сè уште се во тек за друг дел од темите. На средбата, министерот Адеми истакна дека Министерството останува отворено за средби со СОНК во насока на постигнување заедничко решение – се вели во соопштението од Министерство за образование и наука.

Оттаму велат дека двајцата соговорници се согласиле оти дијалогот меѓу засегнатите страни е најдобар начин за надминување на проблемите.

СОНК, по средбата со Мартин Ромер, достави уште едно барање до ресорните министерства за продолжување на преговорите.

– Советот со задоволство целосно го прифати повикот на претседателот Ромер за итно продолжување (поточно почнување) на преговорите помеѓу СОНК и ресорните министерства, како и неговото противење на нападите врз раководството на СОНК  – стои во соопштението од СОНК.

Во меѓувреме, штрајкот продолжува во Западна Македонија, особено во албанските паралелки, а македонските се делумно вклучени. Во Источна Македонија, во сите 11 општини воопшто нема штрајк, односно штрајкуваат само шест наставници, претставници на СОНК. Во Битола утрово се собрале триесетина ученици и пред да почне тестирањето, си заминале дома. Таму родителите потпишуваат петиции со јасна порака дека не сакаат заменски наставници бидејќи не сакаат лица однадвор да им предаваат на нивните деца.

Во Охрид и во Струга ситуацијата е поделена. Во Охрид целосно се игнорира, а во Струга сè повеќе наставници се приклучуваат на штрајкот.

Од МОН претходно повикаа членовите на СОНК и сите други одговорни лица во образовниот процес да не експериментираат со учениците, да не ги злоупотребуваат, да не си поигруваат со нивните судбини и активностите да ги реализираат на начин преку кој нема да предизвикаат реперкусии врз нивното образование.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...