Министерството за инфораматичко општество располага со недвижнини за кои нема имотни листови и евидентирани се 16 деловни објекти со вредност од по еден денар за кои Министерството не поседува комплетна документација, утврдиле државните ревизори при контролата на работата на ова Министерство во 2018 година.

Во извештајот на ревизорите се вели дека Министерството не располага со имотни листови за 14 објекти за отварање бесплатни Интернет клубови доделени со одлука на Владата во 2008 година.

„Заради нивно обезбедување во 2016 година Министерството со допис се обратило до Агенцијата за катастар на недвижности од каде е добиен одговор дека поради недостаток на потребните податоци (број на катастарска парцела, катастарска општина…) Агенцијата не може да постапи по барањето за издавање имотни листови“, пишува во извештајот.

Во него се додава дека во текот на 2016 година биле преземени активности за премер и евидентирање на деловните простории во сопственост на државата.

„Со увид во документацијата, ревизијата констатира дека уште во 2016 година по извршениот премер направен е упис на недвижностите како сопственост на Република Македонија за 12 од објектите, за еден објект постапката на упис сè уште не е завршена, додека еден објект со постапка на денационализација е запишан како сопственост на физички лица“, пишува во извештајот.