Принтскрин од платформата ovp.mk

Министерство за информатичко општество и администрација МИОА во соработка со Фондацијата Метаморфозис, во рамките на проектот за граѓанско учество поддржан од УСАИД, ја развија онлајн платформата односно веб-порталот за отворено владино партнерство ovp.gov.mk.

„Порталот за отворено владино партнерство (ОВП) има за цел да послужи како платформа за интеракција и размена на информациите во четири сегменти и тоа консултации за подготовка на Националниот акциски план, следење на споредување на Националниот акциски план како и следење на работата на Советот на отворено владино партнерство и на мрежата на граѓански организации за отворено владино партнерство. Порталот нуди можност за одржување на онлајн состаноци со разговори во живо во лајф чет и видео поврзување на учесниците,“ рече министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.

Тој додаде дека во тек е подготовка на новиот Национален акциски план 2021-2023 со вклученост на претставници од граѓанскиот и јавниот сектор и се надева дека ова портално решение не само што ќе ја олесни комуникацијата и соработката помеѓу засегнатите страни вклучени во процесот, туку на долг рок ќе помогне на следење и на унапредување на иницијативата за отворено владино партнерство.

„Развојот на ова портално решение во тесна соработка со фондацијата на Метаморфозис и поддршка од УСАИД претставува доказ дека преку партнерски однос не само Владата туку и другите чинители во нашето општество колективно и рамноправно учествуваат во унапредување на концептот отворена Влада,“ рече Шаќири.

Директорката на канцеларијата за генерален развој на УСАИД, Дон Кармин го поздрави лидерството на министерит Шаќири во овој процес, но даде признание и на партнерот на УСАИД, Фондацијата Метаморфозис.

„Демонстриравте извонредно лидерство во вашите напори за унапредување на обврските на Северна Македонија кон отворено владино партнерство. Иницијативата за ОВП е вкоренета во основното верување дека отворената влада е подостапна, пореспонзивна и поодговорна пред граѓаните. Преку ОВП, граѓанските организации и владите создаваат попродуктивни и поблиски односи, при што, тие работат заедно на решавање на заедничките приоритети. ОВП е особено важно и корисно во нашиот поврзан свет каде технологијата им овозможува на граѓаните да се поврзат со избраните и именувани службени лица со еден клик, твит или порака. Со оваа поврзаност, граѓаните со право бараат поголема респонзивност, отвореност, транспарентност и отчетност од своите влади,“ рече Кармин.

Таа потсети дека Северна Македонија се приклучи на партнерството во 2011 година и бидејќи 10-годишнина од постоењето на ОВП е на повидок, потенцираше дека важно е да се обноват обврските за подобрување на пристапот до информации, фискална транспарентност, употребата на отворени податоци и пристапот до правда, како и многу други приоритети.

„Новата онлајн платформа за отворено владино партнерство ќе обезбеди граѓанските организации и граѓаните да помогнат во обликувањето и надгледувањето на обврските на отворената Влада. Оваа алатка ќе послужи како централна точка за комуникација, консултации и следење на напредокот предвиден во тековниот Национален акциски план за ОВП. Тоа ќе го олесни колаборативниот, значаен и продуктивен дијалог помеѓу сите засегнати страни вклучително и работата на Советот на ОВП и мрежата на граѓански организации. Исто така ќе обезбеди инфорамции за следниот Национален акциски план за ОВП,“ рече Кармин.

Директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари истакна дека ОВП има за цел да се подобри ефикасноста во работењето на државните институции, да се зголеми нивната транспаренетност, отчетност и пристапот до информации, да се засили борбата против корупцијата и да се обезбеди повисок квалитет на услугите што државните институции им ги даваат на граѓаните.

„Тоа што за нас како невладини организации е важно е дека, отвореното владино партнерство е процес дизајниран така што овозможува системски и постојан дијалог помеѓу владата и невладините организации, создава можност но и простор на иста маса да седат претставниците на Владата и на невладините организации, медиумите, бизнисите но и сите други заинтересирани, заедно да ги обликуваат и приоритизираат политиките кои влијаат на транспарентноста и придонесуваат во остварувањето на другите цели на ОВП. Во овој процес невладините организации имаат можност активно да се вклучат во процесот на креирање на политики, да помагаат во одредувањето на приоритетите, да ги идентификуваат релевантните и приоритетните потреби на граѓаните и тие да се рефлектираат во владините политики,“ рече Јашари.

Тој додаде дека како резултат на овој дијалог се подготвуваат Национални акциски планови во кои Владата се обврзува на многу конкретни активности и реални обврски.

„Всушност самите акциски планови се во суштината на ОВП и тие се производ на еден отворен процес на заедничко косоздавање, во кој Владата и граѓанското општество работат заедно за да се иницираат амбициозни реформи. Во принцип, за граѓанското општество ОВП не е типична активност односно типична вежба за застапување, туку претставува партнерство и соработка и заеднички обид да се најде заеднички јазик и решение за приоритетни проблеми поврзани со транспарентноста, отчетноста и ефикасното работење на државните институции. Токму тоа се обидуваме да го направиме во рамките на проектот на УСАИД за граѓанско учество и со создавањето на онлајн платформата за ОВП,“ потенцираше Јашари.

Според директорот на Метаморфозис самата платформа е како резултат на соработката на невладините организации, министерството и поддршката на УСАИД.

„Платформата пред се претставува обид за ангажманот на невладините организации да биде постратешки, посистемски, повидлив но истовреме и да се прошири за да имаме поголем број на невладини организации, но и други чинители, поединци кои сакаат да се вклучат во процесот на ОВП и да бидеме сигурни дека сите што сакаат да земаат учество, ќе земат учество никој нема да остане зад или надвор од процесот. Се разбира дека платформата не е обид за обична замена за офлајн консултации и други средби во живо кои се надевам дека ќе бидеме во можност да ги направиме. Верувам дека платформата ќе стане централен ресурс за сите заинтересирани за ОВП, но и можност за поголемо учество на сите заинтересирани и со тоа ќе имаме инклузивен процес, кој ќе резултира во подобри акциски планови, а со тоа и поамбициозни реформи кои ќе придонесат да имаме поефикасни и поотворени институции со што ќе придонесеме да се зголеми довербата на граѓаните кон институциите, а таа доверба треба да се заработува и засили секој ден и со тоа ќе се засили и демократијата воопшто,“ дополни Јашари.

Гордана Димитровска Гапиќ од МИОА подетално го претстави порталот за отворено владино партнерство и што тој содржи.

„Целта на ова решение е да го унапреди и олесни процесот на комуникација помеѓу институциите и сите засегнати страни и чинители во нашето општество,“ рече Димитровска Гапиќ.