Ситуацијата со корона вирусот се менува од ден за ден. Државата е во вонредна состојба откако вчера, претседателот на државата Стево Пендаровски ја потпиша одлуката.

Светските берзи паѓаат, инвеститорите се повлекуваат од инвестирање, некои фабрики го запираат производството, има целосно затворање на услужните дејности, културни институции, образовни институции, итн. Запрени се без малку сите спортски случувања.

„Поголемиот дел држави, а и ние влегуваме во период на криза со каква што поодамна не сме се соочиле. Колку ќе биде голема ќе зависи од тоа како ќе се справиме со запирањето на епидемијата на Ковид-19. Финансиските последици уште сега се гледа дека ќе бидат големи во сите области, а посебно што нашата економија е во најголем дел поврзана и зависна од онаа на ЕУ“ – изјави за „Мета.мк“, социологот и редовен професор на Филозофскиот факултет при УКИМ, Константин Миноски.

Освен секторите во општеството, промените веќе ги чувствува и обичниот човек. Паниката и стравот се нормални реакции во состојба кога се чувствува дека животот на луѓето е загрозен. Тоа го потврдија и психотерапевтите. Но, купувањето на енормни залихи не е случај само кај нас. Преку социјалните мрежи ги гледаме и примерите од поголемите и поразвиени општества, каде луѓето реагираат панично, а тоа го изразуваат преку празнењето на рафтовите по продавниците.

Миноски вели дека грижата е оправдана, со оглед на тоа што секојдневно слушаме известувања за затворање на границите што всушност значи недостиг на продукти. Неизбежна е и промената и формите на социјабилност. Како народ што покажува емоции и блискост во поздравувањето и контактите со блиските, сега ќе ја почувствуваме промената, вели тој. Здружувањето, другарувањето и поздравувањето ќе добијат нови форми преку социјалните мрежи, интернетот, телефоните, а вниманието ќе биде насочено и кон традиционалните медиуми како телевизијата и радиото, сигурен е професорот.

„Во случајов би ја нагласил значајната улога на телевизиите во олеснување на периодот на изолација на граѓаните. Би требало да ги анимираат граѓаните во оваа ситуација затоа што во најголем дел се присутни во домовите, особено на повозрасните граѓани, но сигурно нема да им помогнат со некои тмурни отворени дебати каде уште од рани зори се расправаат за „актуелни“ теми што ве „фрлаат“ во депресија. Секако дека има простор за поинвентивна програма од онаа што ја имаат во моментов“, потенцира тој.

Во однос на граѓанската послушност, социологот Миноски вели дека повеќето граѓани во рамките на нивните можности се однесуваат одговорно, што и го покажува самиот број на заразени. Од друга страна, по малку заплашувачки е колку лесно се доведовме и ние но и поголем дел од граѓаните на Балканот, па и во Европската Унија, во состојба на многу лесно прифаќање на прогласувањето вонредна состојба, кога се ограничуваат граѓанските слободи и права, заклучува тој.

„Она што е парадоксално во овој случај е што во време на глобализација, висока технологија, исклучително брз проток на информации, после се што се случуваше во Кина, без малку сите држави во светот се најдоа затечени, изненадени, без јасна стратегија како да се постапува, кои мерки да се преземаат, односно на кој начин да се решава проблемот со вирусот Ковид-19. Наместо силна глобална реакција уште кога вирусот беше само кинески проблем, сега тој е светски проблем што се решава локално, односно на национално ниво. Моќта на вирусот беше потценета особено од страна на политичарите, односно од владите на државите во Европската Унија, па и на сите останати европски држави вклучително и нашата“ – изјави Миноски.

Тој вели дека македонската држава се најде во исклучително непријатна состојба. Односно, во време кога Собранието е самораспуштено, и има техничка Влада за спроведување на избори, но и големи потреси како резултат на висока корупција. Проблемот го детектира уште на почетокот на транзицискиот период кога требало да се изградат силни институции кои ќе одговорат на сите предизвици.

„Целиот наш политички систем е полуфункционален. И тоа особено се воочува кога треба да се справуваме со кризна состојба како оваа со Ковид-19. На пример, од последниве случувања можеме да забележиме дека имаме Закон за кризна состојба, но не е регулирана во Уставот, имаме вонредна состојба во Уставот, а немаме Закон за вонредна состојба, претседателот консултира правни експерти за прашања поврзани со Уставот и со уставноста на одлуката што треба да ја донесе, а Уставниот суд како да го нема“ – заклучува социологот.