Банките да ги ослободат средствата и да инвестираат во корпоративниот сектор, порачаа денеска министерот за финансии, Кирил Миноски, и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, по завршувањето на редовната седница на Комитететот за финансиска стабилност.
– Политичката криза имаше ефект кој резултираше со порестриктивна политика од страна на банките, па тие се воздржуваа од инвестиици во корпоративниот сектор. Ги повикуваме нашите банки да ги кредитираат компаниите бидејќи имаме стабилен финансиски пазар со ребалансот на буџетот и со издавањето на еврообврзницата – изјави министерот Миноски.
Тој додаде дека еврообврзницата ја купиле инвеститори од Европска Унија и од САД и оти очекува парите да легнат на сметка наредните денови.
Гуверенот Богов оцени дека банкарскиот систем преживеал реален стрес-тест изминатиот период и е високо отпорен на шокови.
Тој истакна дека на состанокот на Комитетот за финансиска стабилност се дискутирало и за Законот за банки, кој треба да биде усогласен со европската регулатива.