Министерството за здравство распиша тендер за седум нови возила за Итна медицинска помош, јави Порталб.мк.

Бидејќи, како што објасни министерот за здравство Венко Филипче, со претходната набавка се задоволени потребите на Здравствен дом Скопје, возилата што ќе бидат купени со новиот тендер ќе се наменат за Здраствени домови во други градови.

-Министерството за здравство објави оглас за јавна набавка за возила, од заштедите што се направија при набавката на возила за Итна медицинска помош пред неколку месеци. Последната анализа покажа дека возилата што ги набавивме за Здравствениот дом – Скопје сега се сосема доволни, може да одговорат на барањата на граѓаните и тие ќе бидат наменети за здравствените домови ширум државата – рече Филипче на промоцијата на реновираниот вакцинациски пункт во поликлиниката „Чаир“.

Според повикот, критериумот за избор на најдобар понудувач на новиот тендер за возила за Итна помош е најниската цена. Понудите може да се доставуваат до 1 октомври.

Парите што ќе се дадат за новитe седум возила се заштедени при претходната набавка на 12 возила за Итна помош, од кои шест беа распределени во Скопје, а останатите во Струга, Дебар, Кичево, Крушево, Крива Паланка и Берово. Договорот за нивната набавка беше потпишан на 7 декември минатата година, а за овие 12 возила, од планираните 30 милиони денари, беа платени 21,59 милиони денари, пишува Порталб.мк.