Фото: Архива на Мета

По одбивањето на претседателот Стево Пендаровски да го потпише указот за Законот за утврдување на правниот статус на нелегалните објекти и бројните реакции во јавноста, минатата недела Владата го повлече законот од Собрание. Но, Министерството за транспорт и врски подготвува целосно нов закон за легализација на бесправно изградените објекти. Ова за „Порталб.мк“ го потврдија од ова министерство, од каде рекоа дека сега се работи во оваа насока.

„Законот е повлечен од Собранието, сега ќе се подготви нов закон. Во моментов собираме предлози од сите засегнати страни и ќе седнеме на маса да ги разгледаме сите предлози и да подготвиме нов закон. Ќе видиме да го заштитиме јавниот интерес и интересот на граѓаните“, соопшти Министерството за транспорт.

Тие додадоа дека овој пат се консултираат невладини организации и експерти од оваа област и собираат предлози од сите партии, кои ќе бидат анализирани и потоа ќе се подготви нов закон.

„Колегите работат, имаат секојдневна комуникација со сите засегнати страни, невладини организации, граѓански здруженија, ЗЕЛС, и собираат предлози, а кога ќе го создадеме законот, ќе го претставиме. Имаме состаноци со ЗЕЛС, невладините организации, комори на архитектите, здруженија на архитектите, сите засегнати страни, здруженија за животната средина, сите страни што би биле вклучени во законот“, изјавија од овој ресор.

Собранието на 11 мај го изгласа Законот за легализација на нелегалните објекти, предложен од Министерството за транспорт, со поддршка на пратениците и од владата и од опозицијата. „За“ гласаа 72 пратеници, тројца беа „воздржани“, додека петмина беа „против“.

Сепак, усвојувањето на овој закон наиде на бурни во јавноста, а претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за прогласување на законот на 14 мај и го врати во Собрание.

Во своите забелешки, Пендаровски истакна дека законот е неуставен затоа што предвидува амнестија за поединци и фирми за дивоградби и со тоа се стимулира непочитување на законските одредби. Тој исто така го оспори членот од Законот кој предвидува легализација на дивоградби во заштитени подрачја и национални паркови, тврдејќи дека постои повреда на основната обврска на државата за заштита на животната средина.

Премиерот, Зоран Заев првично рече дека Владата ќе ја продолжи дискусијата и преку стручни тимови во Владата, тие можат да одат чекор понапред во подеталните спецификации за легализација во националните паркови и заштитените подрачја. Но, на 29 мај, Владата, врз основа на известувањето за спроведените активности доставени од Министерството за транспорт и врски, донесе Решение за повлекување на Законот за утврдување на правниот статус на објектите без дозвола.

Експертите проценуваат дека усвојувањето на закон за легализација ќе стимулира дивоградбите да продолжат и во иднина.

Асоцијацијата на архитекти на Македонија е исто така против донесувањето на Законот за легализација на дивоградби. Според нив, истиот ги суспендира сите важечки регулативи за урбанистичко планирање кои се грижат за квалитетот на изградениот простор и дава погрешен сигнал дека нелегалната градба нема да биде казнета.