fbpx

Министерството за транспорт ги собра доставените предлози, се подготвува новиот закон за дивоградби

-

Министерството за транспорт и врски ги собра предлозите доставени од засегнатите страни во врска со законот за легализација на бесправно изградени објекти и легализацијата сега е во фаза на изготвување на нов закон. Од ова министерство за Порталб.мк потврдија дека по изготвување на законот, тој повторно ќе биде испратен до заинтересираните страни, за да достават дополнителни забелешки доколку имаат.

„Ги собравме предлозите од сите партии и сега законот е во фаза на обработка. Откако ќе ја подготвиме нацрт-верзијата, повторно ќе им го предадеме на сите заинтересирани страни да ја видат, доколку имаат некакви забелешки, да реагираат дополнително“, велат од ова министерство.

Оттаму додадоа дека предлозите доаѓаат од разни странки, и од политички партии, но и од обични граѓани.

„Поднесени се предлози од политички партии, асоцијацијата на архитекти, граѓански здруженија, обични граѓани доставија индивидуални барања и сè што е квалитативно и во рамките на она што може да ги заштити државните интереси, секако ќе биде вклучено во тој закон“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Законот за легализација на бесправно изградени објекти неодамна беше дел од широка јавна расправа.

Да потсетиме, Собранието на Северна Македонија на 11 мај го донесе законот за легализација на нелегалните објекти предложен од Министерството за транспорт и врски, поддржан и од пратеници од власта и од опозицијата. „За“ гласаа 72 пратеници, тројца беа „воздржани“, додека петмина беа „против“.

Сепак, усвојувањето на овој закон наиде на бурни реакции во јавноста, додека претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за прогласување на законот на 14 мај и го врати истиот во Собранието.

Во своите забелешки, Пендаровски рече дека законот е неуставен затоа што предвидува амнестија за физички лица и фирми за нелегални објекти и со тоа се стимулира непочитување на законските одредби. Тој исто така го оспори членот од Законот кој предвидува легализација на дивоградби во заштитени подрачја и во национални паркови, тврдејќи дека постои повреда на основната обврска на државата за заштита на животната средина.

Премиерот Зоран Заев првично рече дека Владата ќе продолжи со дискусијата и преку стручни тимови во Владата, тие можат да одат чекор понапред во подеталните спецификации за легализација во националните паркови и заштитените подрачја.

Но, на 29 мај, Владата, врз основа на известувањето за спроведените активности доставено од Министерството за транспорт и врски, донесе Одлука за повлекување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

Експертите проценуваат дека усвојувањето на закон за легализација ќе ги стимулира дивоградбите да продолжат и во иднина.

И Асоцијацијата на архитекти на Македонија е исто така против усвојување на Законот за легализација на бесправни објекти. Според нив, истиот ги суспендира сите важечки регулативи за урбанистичко планирање кои се грижат за квалитетот на изградениот простор и дава погрешен сигнал дека дивоградбите нема да бидат казнети.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Реакции по одлуката Саудиска Арабија да го предводи форумот за правата на жените на ОН

Саудиска Арабија е избрана да биде претседавач со комисијата на Обединетите Нации што ја промовира родовата еднаквост, а одлуката е критикувана од групи за човекови права поради исклучително лошото...