Јавниот радиодифузен сервис, Македонската радио телевизија и 46 други приватни радиодифузери со сигурност ќе ги добијат парите од ветената донација од Агенцијата за аудио и аудиовизуелклни медиумски услуги за справување со последиците од ширењето на корона вриусот откако Министерството за правда го оцени потегот на АВМУ како прашање од јавен интерес. Претходно позитивно мислење за донацијата за радиодифузерите на медиумскиот регулатор дал и Министерството за информатичко општество и администрација.

Директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски за „Мета.мк“ потврди дека на сметките на 46 телевизии и радија, како и на Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, ќе ги исплатат ветените средствата од донацијата. Во првата група медиуми, се ноаѓа Јавниот радиодифузен сервис, МРТ, националните приватни телевизии, како и други локални и регионални радиодифузери.

Како што биле потпишани договорите за донација со радиодифузерите, така АВМУ ги доставувал на одобрување во Министерството за правда. Трајчевски очекува најдоцна до крајот на неделата Министерството да ги одобри договорите и останатите 51 радиодифузер, а потоа средствата веднаш ќе бидат исплатени.

Во третат транша ќе останат околу 12 помали радиодифузери, кои поради разни причини, досега не успеале да потпишат договори за донација со АВМУ. Вкупната сума на донации за сите овие медиуми е релативно мала и изнесува околу 200 илјади денари. Трајчевски вели дека остануваат отворени да потпишуваат договори за донација и со овие преостанати медиуми.

Инаку, Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, на 23 март одлучи да им помогне на медиумите за полесно справување со последиците од пандемијата со корона вирусот. Според таа одлука, АВМУ треба да додели околу 1,7 милиони евра помош, од кои 1,2 милиони евра за приватни радиодифузери и пола милион евра за јавниот радиодифузен сервис, Македонската радио телевизија.

Овие средства се доделуваат за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства, за трошоци поврзани со производство, набавка и емитување на програма, за санирање на негативните последици врз нивното економското работење поради коронавирусот и овозможување нивно непречено функционирање“, објаснуваше АВМУ.

Со оваа донација, регулаторот на радиодифузерите практично им го враќа назад надоместокот за телевизиско или радиско емитување за 2019 и 2020, намален за износот за ДДВ. По овој основ Агенцијата ќе врати нешто над еден милион евра. Додека, на радиодифузерите на кои годишниот надоместок им доспева по донесување на одлуката за донација или до крајот на 2020 година, Агенцијата нема да фактурира надоместок за емитување, освен пресметаниот износ на ДДВ на вкупната сума на годишниот надоместок. По овој основ, Агенцијата треба да се откаже од околу 130 илјади евра.

Со сите субјекти, Агенцијата ќе склучи договори за донација кои ќе стапат на сила веднаш по потпишувањето од страна на договорните страни, а ќе се применуваат по добиеното позитивно мислење за јавниот интерес од страна на Министерството за правда“, објаснува медиумскиот регулатор
На крај, АВМУ се надева дека со мерка ќе се олесни работењето на радиодифузерите и ќе се овозможи нивно непречено функционирање и вооедно уште еднаш ги повикува сите медиуми да известуваат професионално и одговорно и да и обезбедуваат на јавноста точни, навремени и објективни информации.

Прашањето за нудење на помош на медиумите за време на кризата со пандемијата на коронаворусот го покренаа новинаерските организации, Здружението на новинари на Македонија и Независниот синдикат на новинари и медиумски работоници.

Кон средината на март, двете организации преку заедничко соопштение, ја повикаа владата да донесе итни мерки за олеснување на работата на медиумите во услови на пандемија на короноа вирусот. Двете новинарски организации тврдеа дека нивните анализи покажуваат дека медиумите и новинарите имаат потреба да се поддржат финансиски.

„Да се доделат финансиски средства по вработен во висина на минималната плата, или сите медиуми да се ослободат од плаќање придонеси во следните два месеци. Истовремено бараме одложување од два месеци на плаќањето ДДВ кај фирмите кои се бават со медиумска дејност“, се истакнува во заедничкото соопштение на ЗНМ и ССНМ и се додава дека после два месеци треба да се направи нова проценка на ситуацијата доколку има потреба да се продолжат мерките.

Тие сметаат дека помошта на владата треба да помогне на медиумите полесно да го пребродат овој тежок период кога компаниите имаат се помалку средства за огласување во медиумите. Според нив, помошта треба да се даде само на медиумите што нема да отпуштат новинари и медиумски работници додека траат мерките.

Инаку, владата позитивно одговори на барањето на новинарските организации за субвенционирање на медиумите за време на кризата. Премиерот Оливер Спасовски, објави дека новите мерки ќе ги опфатат и медиумите, меѓутоа уште не се знаат деталите под кои услови владата во наредните два месеца ќе себвенционира минамални плати за новинарите и медиумските работници.

„Мета.мк“ пишуваше дека деталите за субвенционирање на минимална плата на приватниот сектор ќе се дефинираат со посебна уредба од владата. Исто така, засега не е познато, колку средства од предвидените 200 милиони евра за новите мерки, ќе бидат наменети за медиумите.

Субвенционирање на минималец за новинари и медиумски работници беше предвидено и во мерките на СДСМ за справување со кризата со корона вирусот, кои беа објавени минатата недела.

Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.