Министерството за образование со нов закон против грешките во учебниците

Фото: Скриншот од електронската верзија на учебникот Историја и општество за петто одделение

Работна група составена од експерти во моментов ја работат првата нацрт-верзија на новиот Закон за учебници во основното и средното образование, информираат во Министерството за образование и наука (МОН). Ова се прави за да се зголеми квалитетот на учебниците, откако во декември лани беше обелоденето дека во новиот учебник по Историја и општество има многу содржински и технички грешки.

„Ова е иницијатива на МОН и на Педагошката служба, со цел да се унапреди квалитетот на содржината на учебници, да се намали веројатноста за појава на грешки од различна природа во содржината и во исто време да се поедностави процесот на набавка и навремена испорака до училиштата“, велат во МОН.

Оттаму оценуваат дека е повеќе од очигледна потребата од ново законско решение за учебници.

„Неопходно е да поставиме повеќе дополнителни филтри за контрола при изработка и одобрување на содржината на учебниците. Во исто време треба да поттикнеме што поголем број автори да се пријавуваат со свои ракописи, како и рецензенти кои ќе ги одобруваат ракописите“, велат во МОН.

Инаку во јануари годинава, МОН ги повика сите кои имаат предлози, да ги напишат, а планот е најдобрите да бидат интегрирани во новиот закон.

Нацрт-законското решение ќе биде испратено до Владата, од каде ќе биде објавено на ЕНЕР системот, а потоа ќе биде проследено и до Собранието на финална дискусија и конечно усвојување.

Во средината на декември минатата година, беа обелоденети низа пропусти и грешки во новиот учебник по предметот Историја и општество за петто одделение, како дел од новата Концепција за основно образование. Имаше неточни тврдења во темата „Население и континенти“, но и очигледно, лош превод на информациите. Така, во учебникот наведено е дека на исток нашата земја се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Освен тоа, пишува дека Монт Еверест е највисока точка на земјата со висина од неверојатни 29.035 метри надморска височина, а најниска точка дека е Мртвото море кое е „повеќе од 1.400 метри под морското ниво“. Освен тоа, има и многу јазични и правописни грешки, а пример за тоа е реченицата „Австралија е најмалиот континент и е единствена во светот која е составена само од една држава“.

За учебникот со своја реакција се огласи и Здружението на историчари, од каде што реагираа за низа неточни факти во учебникот. Оттаму рекоа дека во учебникот се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла и дека има повеќе погрешни информации. Поради тоа, од Здружението беа на став дека ако овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците.

Како авторки на учебникот се потпишани Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска. Рецензенти се Беса Хавзиу-Исмаили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска, а лекторка е Виолета Јовановска – Никовска.