Министерството за образование и Државниот студентски центар во несогласување околу повртатот на средства за студентите

Студентски дом Кузман Јосифовски - Питу во Скопје | Фото: Арбнора Мемети

Студентите кои уплатија за сместување и исхрана во државните студентски домови за месец март минатата година, кога домовите беа затворени заради пристигнувањето на корона вирусот во државата, сè уште не ги добиле назад уплатените средства. Според одлуката која во април ја донесе управниот одбор на Државниот студентски дом „Скопје“, студентите кои имаа легло беа ослободени од плаќање партиципација за првите единаесет дена од март, колку што престојуваа пред да ги напуштат домовите, а на оние кои веќе ја имаа платено мартовската сума, им беше кажано дека парите ќе им бидат вратени.

Но, по речиси десет месеци по најавата, парите сè уште не легнале на сметка на студентите. Тие неколку пати реагираа и прашуваа кога ќе ги добијат средствата назад, но конкретен одговор од надлежните немаше. Деновиве неколку студенти повторно ја актуелизираа темата, прашувајќи во групите на социјалните мрежи дали на некој му биле вратени уплатените средства или пак има некаква информација, но одговорот од сите е негативен.

„Мета“ до Министерството за образование и до Државниот студентски центар „Скопје“ го упати прашањето кога студентите може да очекуваат решавање на овој проблем.

Од Министерството за образование велат дека користењето на студентските домови не го наплаќаат тие, па затоа и не можат да извршат поврат на средствата и упатија студентите да се обратат до службите во домовите.

„Министерството за образование и наука не врши наплата на средства по основ на користење на услугите на студентските домови, така што не може да изврши ниту поврат на средства. Секој студент кој однапред уплатил средства за месецот или месеците за кои владата донесе одлука дека нема да се наплатува партиципација, потребно е да се обрати до службата на студентскиот дом каде престојувал со цел поврат на средствата“, велат од МОН.

Но, од Државниот студентски центар „топката ја враќаат“ назад. Новиот директор на ДСД „Скопје“, Виктор Велевски, кој на функцијата стапи во декември, вели дека парите ги чекаат од Министерството за потоа да можат да им ги вратат на студентите. Тие за ова прашање се обратиле во МОН уште минатата година.

„Ние како Државен студентски центар добиваме средства од страна на МОН. Тие ни пуштаат партиципација за да може ние да ги покриваме трошоците. Од нив ги немаме добиено средствата за да можеме да им ги исплатиме на оние студенти кои што реално не живеат во студентски дом. Тие се наменски средства кои тие ни ги пуштаат, ние од нашата буџетска сметка без нивно одобрение немаме право да ги исплатиме“, вели Велевски.

Дел од реновираниот ентериер на студентскиот дом Гоце Делчев | Фото: Арбнора Мемети

Тој уште еднаш потврди дека за ова се има донесено одлука на управниот одбор и дека само се чека на одобрување од Министерството и додава дека ќе провери до каде е случајот.

„Студентите си платиле на сметка за партиципација, а не искористиле живеење и тие пари треба да им се вратат“, смета Велевски.

Дел од студентите што уплатиле средства за март најавуваат дека доколку случајот не биде решен наскоро, своите права ќе ги бараат преку судска постапка.