Министерството за култура ги објави резултатите од конкурсите за финансирање на проекти

Фото: Министерство за култура

Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска денеска одржа прес-конференција за објавување на резултатите од „Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година“.

Таа го истакна трудот на членовите на комисиите одговорни за избирањето на добитничките апликации, кои како што нагласи, го задржале високото ниво на професионалност и етичност.

„При селекцијата запазени се и другите приоритети – поддршка на проекти на млади, на проекти наменети за деца или за лица со посебни потреби. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура. Исто така, при селекцијата на проектите, комисиите воделе сметка и за правичната застапеност по етничка основа. Поддржани се и голем број проекти во кои до израз доаѓа интеркултурноста. Еднакво се водело сметка и за родовата рамноправност“, стои во соопштението од Министерството за култура.

Oваа година апликациите за прв пат се одвиваа по електронски пат, при што беше постигнат огромен исчекор во градењето на системот, а за тоа актуелната министерка и се заблагодари на нејзината претходничка, Ирена Стефоска. Повикот за аплицирање на Годишните конкурси беше објавен во јуни минатата година, а рокот беше продолжен за еден месец, по што резултатите пристигнуваат кон средината на февруари наместо во јануари. Ова им овозможи на сите заинтересирани да имаат повеќе време за размислување и апликација и беше олеснување за сите оние кои имаа потешкотии при поднесување на електронските апликации.

Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година овозможуваат одобрување на проекти во 12 различни дејности и тоа: Библиотечна, Драмска, Визуелни уметности, архитектура и дизајн, Заштита на недвижно културно наследство и аудиовизуелни добра, Интердисциплинарни проекти, Литература и издавачка дејност, Меѓународна дејност, Музејска дејност, Музичка и музичко-сценска дејност, Фолклорна дејност, Европски интеграции и Инвестиции.

Во областа на библиотекарството на Националните Установи, библиотеките НУБ „Свети Климент Охридски“ – Скопје и НУБ „Кочо Рацин“ – Тетово им се одобрени средства за дигитализација на библиотечниот материјал, додека на УБ „Гоце Делчев“ во Штип доделени се средства за збогатување на инклузивната библиотека за децата со посебни потреби. Целата листа на одобрени проекти предложени од библиотеките и културните центри во земјава како и на други буџетски корисници, локални установи и здруженија на граѓани може да се погледне тука и тука.

Во драмската дејност за театрите во земјава кои конкурирале на годинешниот конкурс се одобрени по најмалку две театарски претстави, како и дополнителни средства за секоја институција за одржување и хигиена. Во сферата на театарската уметност одобрени се проекти и на локални установи, физички и правни лица, а во 2022 Министерството за култура ќе поддржи вкупно 17 театарски манифестации и фестивали.

Како и секоја година, Министерството одделува средства за поддршка и на сите независни или уметници во здруженија и институции во полето на визуелните уметноси, архитктурата и дизајнот. Годинава ќе бидат подрржани вкупно 164 изложбени проекти во 23 различни национални установи во земјава и 199 други корисници од здруженија или самостојни уметници.

Од областа на литературата и издаваштвото, одобрени се вкупно 430 проекти на самостојни издавачи, автори и издавачки куќи и 41 проект на националните установи за издавање на монографии кои имаат историско значење, додека во музејската дејност се поддржани вкупно 207 од нацрт-годишните програми на националните установи, додека на сите други институции и здруженија кои конкурирале за заштита на материјалното културно наследство им се одобрени 89 проекти.

Министерството годинава ќе поддржи проекти во останатите области на Музичка и музичко-сценска дејност, Фолклорна дејност, Заштита на недвижно културно наследство и аудиовизуелни добра, Интердисциплинарни проекти, Европски интеграции, Меѓународна дејност и Инвестиции. Сите добитници се достапни на веб-сајтот на Министерството за култура.

„За проектите што се избрани и за проектите што се одбиени на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2022 година по дејности и области се донесуваат решенија. Против решението може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата не го одлага извршувањето“, нагласуваат од Министерството.

Проектите избрани на Годишните конкурси за 2022 година треба да се реализираат до крајот на тековната година.