По веста објавена за преоптовареноста со ученици во основното училиште „Имри Елези“ во скопската населба Дижонска, каде во три паралелки од прво одделение учат 108 ученици, со што се прекршува законот за образование, Министерството за финансии извести дека е дадена согласност за отворање нова паралелка и решавање на овој проблем.

Заменик-министерката за финансии, Ширете Елези, за „Порталб.мк изјави дека барањето на Министерството за образование и наука е прифатено и е дадена согласност за вработување на еден наставник во ова училиште.

– Според редовната процедура, општината бара од Министерството за образование и наука (МОН) вработување на наставник, а овој сектор прави анализа дали барањето е издржано и дали ги исполнува условите за да се реализира, како што беше случајот со основното училиште „Имри Елези“, бидејќи имам слушнато дека таму има многу ученици, и барањето беше проследено до Министерството за финансии, а ние го одобривме и издадовме согласност да се изврши вработување и отворање нова паралелка – изјави Елези.

Таа додаде дека сега процедурите продолжуваат во МОН, општината и самото училиште.

– Сега процедурите ги продолжува МОН, што значи дека ќе прати одговор до Град Скопје, а од таму во општина Чаир, бидејќи таму се наоѓа на училиштето, а потоа во училиштето, за да се направи избор на наставникот – додаде Елези.

Инаку, во Имри Елези“ оваа година се запишани 108 првооделенци поделени во три паралелки, и во сите три беше надминат максималниот број од 34 ученици во една паралелка, со што беше прекршен законот за образование, и за ситуација беа запознаени и во МОН.