Министерството за економија укажува дека Македонија како и повеке земји во светот се наоѓа во ситуација на предизвици и последици како резултат на COVID-19, а дека штетите во туризмот ќе бидат најголеми, имајќи ги предвид и резултатите од другите земји.
Како што соопштија од Министерството, според добиените информации од туристичките комори, има значителен број на откажувања и одложувања на најавени групи гости, кај хотелиерите и кај туристичките агенциите кои работат дојдовен туризам има намален број на индивидуални резервации, значителни откажувања на најавените семинари, конференции и настани, oтсуство на интерес за посети како резултат на претпазливост, намален интерес и отежнати продажби на распишани аранжмани за сите дестинации, бројни барања за прекин на договор за организирано патување во странство поради претпазливост, како и други откажувања.
Во однос на барањата за мерки од туристичкото стопанство, Министерството им препорачува на туристичките здруженија и комори да достават анализа на штетите што се предизвикани од откажување на тури, семинари, конференции и продажба на аранжмани и да ги достават до Координативното тело. Тоа е веќе формирано и е составено од претставници на Министерство за економија, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и од сите Комори и Здруженија.
„Задолжително да се направи анализа од Министерството за финансии, како и од Министерството за култура во делот на барањата за правилникот на ЗАМП за даночни олеснувања. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот да направи анализа за можностите за промена на Програмата за работа како и пренамена на средствата предвидени за Субвенции за странски, организиран туристички промет, во Фонд за туризам, со цел обесштетување на засегнатите страни“, информираат од Министерството за економија и додаваат дека се апсолутно свесни дека туристичкото стопанство има сериозни последици од корона вирусот, но факт е дека и другите гранки од економијата нив ги чувствуваат.