Измина рокот од триесет дена кој им го даде Владата на сите органи на државната управа за да почнат на официјалните веб-сајтови да ги објавуваат сите податоци и планови за јавни набавки и истото им го препорача и на општините.

„Мета.мк“ истражи колку министерствата, општините и другите органи ја почитуваат наредбата односно препораката на Владата и во три продолженија ќе ги презентираме резултатите од анализата.

На седницата одржана на 16 јули, годинава Владата ги задолжи сите органи на државната управа во рок од 30 дена на своите интернет-страници (или ако немаат своја, на интернет-страницата на институцијата под чијашто надлежност работат), да објават линкови од објавените годишни планови за јавни набавки (и нивните измени и дополнувања), огласите за јавни набавки, известувањата за склучен договор и склучените договори и известувањето за реализиран договор за 2019 година, преку автоматско превземање на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) и истото да го вршат континуирано, како што овие документи се објавуваат на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН).

Прегледот на веб-сајтовите на министерствата покажа дека дел од нив подзаборавија на оваа обрска, а дел делумно ја исполниле.

Имено, на сајтот на Министерството за здравство последниот план за јавни набавки е од 2017 година, нема објава на тендерите освен што има табови за набавки на инсулин и лекови за ретки болести на кои се објавени тендери за 2018 година. Министерството за надворешни работи  има годишен план за јавни набавки, но нема објава на јавните набавки ниту линк до ЕСЈН. Министерството за финансии објавува тендери и јавни повици, има линк до ЕСЈН, но не може да се најде годишен план на јавни набавки.

Министерството за образование и наука има посебен таб, јавни набавки, во делот финансии каде се објавени годишниот план за јавни набавки и склучените договори. Сепак, последниот објавен договор по распишан тендер датира од март, 2018 година што укажува на нередевно ажурирање на информациите.  Министерството за транспорт и врски редовно ги објавува сите јавни огласи, но не може да се најде годишен план за јавни набавки.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги објавува сите тендери и огласи во посебен таб поставен на сајтот, има активен линк до ЕЈСН, но не може да се најде годишен план за јавни набавки. Министерството за локална самуправа има посебен таб за јавни набавки, но последните објавени информации датираат од 2018 година. Ова Министерство редовно ги објавува годишните планови за јавни набавки.

Министерството за внатрешни работи во посебни табови до одделот финансии има објавено план за јавни набавки, како и склучени договори од јавните набавки. Министерството за одбрана има посебен таб јавни набавки со линкови до објавени огласи, склучени договори, како и архива на склучени договори. Министерството редовно ги објавува плановите за јавни набавки како и нивните измени.

Министерството за информaтичко општество и администрација на сајтот има посебен таб за јавни набавки во одделот „документи“, има објавено активен линк со план за јавни набавки, активен линк до Електронскиот систем за јавни набавки како и податоци за сите објавени јавни набавки. На сајтот на Министерството за труд и социјална политика има посебен дел за јавни набавки на кои се објавени линкови до објавените тендери како и до склучените договори.  Министерството за правда на сајтот има посебен таб јавни набавки на кои може да се видат годишните планови за јавни набавки. Исто така, има и линк до објавените јавни набавки на ЕСЈН, но не може да се најде годишен план за јавни набавки. Министерството за економија има посебен дел за јавни набавки под кои се објавени годишните планови за јавни набавки и  тендерите и склучените договори за одделни јавни набавки.

Министерството за култура има посебен таб за јавни набавки на кои е објавен годишниот план за јавни набавки, измени на годишниот план за јавни набавки како и линк до ЕСЈН до објавените тендерти и склучените договори.

Министерството за животна средина и просторно планирање има објавено план за јавни набавки и редовно ги објавува огласите за јавни набавки со активен линк до нив. Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците се уште нема веб-сајт.