Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска оствари средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Бугарија во земјава, Жељаско Радуков.
На средбата Муртезани изразил надеж за успешни парламентарни избори во Бугарија, гледајќи ги како важен чекор за унапредување на билатералните односи преку продлабочување на заемната доверба. Тој ја нагласил „силната посветеност на Владата кон европската агенда“, соопштија од Министерството за европски прашања (МЕП).
Муртезани и Радуков ја истакнале важноста од консолидација на заемната доверба и соработка, особено во контекст на евроинтегративниот процес, на кој треба да се гледа како на заеднички стратешки приоритет. Разговорот се водел и околу ангажманот за конструктивен и транспарентен дијалог со цел унапредување на добрососедските односи и решавање на заедничките предизвици во духот на соработката и партнерството.