Министерот Шаќири ги вети, а сега молчи за дигиталните услуги во образованието

Систем кој ќе овозможи матурантите онлајн да се запишуваат на факултет, мобилна апликација е-дневник, како и е-свидетелства се новините кои минатата година ги најави министерот за образование Јетон Шаќири, а сега не одговара на прашањата на Мета до каде е имплементација на овие услуги

Фото: Kampus Production @Pexels

Систем кој ќе овозможи матурантите онлајн да се запишуваат на факултет, надграден и пофункционален електронски дневник, мобилна апликација е-дневник, како и електронски свидетелства, се новините кои минатата година ги најави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири. Лани на 15 јуни, кога информираше за бројот на електронски апликации што стасале за упис во средното образование, меѓудругото, ги даде и овие неколку ветувања, за кои до овој момент, Мета.мк не доби одговор ниту дали воопшто се почнати ниту пак дали е во тек нивна евентуална реализација.

Од Министерството речиси три недели нема одговори на нашите прашања поврзани со најавените дигитализирани услуги во образованието.

Лани, кога за прв пат беше воведена опцијата деветтоодделенците да можат електронски да аплицираат за упис во средно училиште, Шаќири најави надграден е-дневник со полесни функционалности, побрзи сервери кои во текот на работата на наставниците ќе им овозможи непречена работа, мобилна апликација на е-дневник, како и подобра комуникација во реално време со родителите.

„Во план е воведување на електронско свидетелство, автоматско внесување на оценките во е-дневник при аплицирање на основци во средно, а работиме на идејата за имплементација на нов Higher education management information system (HEMIS) за автоматско аплицирање за матурантите на универзитетите“, кажа лани Шаќири.

На 11 април, Мета побара одговори до каде е реализацијата на овие проекти. Одговор не добивме. Потоа, повторно на 19 април, прашањата ги испративме до Одделението за односи со јавност и протокол, но овојпат, прашањата беа испратени и до раководителот на одделението за информатичка поддршка Горан Стојановски, шефот на кабинет Агим Шаќири, како и до заменик-министерот за образование и наука, Агим Нухиу. Одговори повторно не добивме. Освен тоа, Мета се обрати и лично до министерот Шаќири преку смс-порака, но повторно наидовме на молк.

Фото: Министерство за образование и наука

Инаку HEMIЅ, системот кој го најави Шаќири во високото образование, а кој според него, треба да овозможи електронско аплицирање на универзитет, е всушност систем кој содржи различни видови на податоци од високото образование, на пример, број на студенти и кадар, наставни програми, податоци за финансии, кои се однесуваат на високообразовните институции. Системот овозможува да се види колкав е бројот на дипломирани студенти во различни области на студии. Tие податоци кои ги обезбедува системот базиран на докази, потоа се користат за мониторинзи, евалуации, извештаи и слично.

Според досегашната пракса, уписите на факултет кај нас се прават прво со електронска пријава бидејќи, конкретно на УКИМ има централен систем, но потоа кандидатите мора на факултетот за кој аплицираат, да ги однесат оригиналните документи во писмена форма, за да се провери нивната веродостојност.

„Документите како државјанство и извод од матична книга на родени, се трајни документи, па се поставува прашањето, дали факултетите треба да ги бараат во хард копи, кога може да се испратат и само електронски. Е-свидетелства е одлична идеја бидејќи за да се креира свидетелство може да се „влечат“ податоци директно од е-дневникот, но за ова да се реализира, потребно е да се изгради цел систем. А тоа се прави само ако има волја и ресурси“, вели за Мета професор на Факултетот за информациски технологии и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), кој сакаше да остане анонимен.

Лани, кога за прв пат се воведе можноста електронски да се аплицира за во средно, секој ученик требаше или во јпг или во пдф формат да прикачува докуенти во прилог на пријавата. Тогаш, во изјава за Мета, проф. д-р Боро Јакимовски деканот на ФИНКИ кажа дека овој нов начин на упис им олеснува на вработените во училиштата, да не мора да ги препишуваат податоците од свидетелствата, туку едноставно само да извршат проверка на документите.

Јакимовски тогаш укажа на уписите на факултет во Обединетото Кралство, каде што уште од пред 15 години процесот е централизиран и сè се врши по електронски пат.

„Таму можеш и на три факултети да аплицираш. Кај нас тоа законот не го дозволува. А еден таков електронскиот систем ќе ги сведе злоупотребите на нула, нема да има простор за фиктивно прикажување документи“, кажа проф. д-р Јакимовски.