Министерот Османи присуствуваше на средба посветена на глобалната сајбер безбедност во Њујорк

Фото: Официјална страница на Министерот за надворешни работи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на 77-то Генерално Собрание на ООН во Њујорк, учествуваше на состанокот „Обликување на глобалната сајбер-безбедност – Повик за акција за промовирање на одговорно однесување на државата и градење капацитети“, во организација на министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок и министерката за надворешни работи на Франција, Катерин Колона, во Њујорк.

Во фокусот на дебатата биле безбедносните предизвици во сајбер просторот како сериозна закана за постојниот меѓународен поредок, како и потребата од ефективен мултилатерален одговор и стратешка размена на информации и искуства особено меѓу НАТО сојузниците, во насока на успешно справување и надминување на сајбер заканите.

„Северна Македонија континуирано соработува со сите засегнати страни – бизнис секторот, истражувачката и академската заедница, како и со граѓанското општество, со цел изнаоѓање заеднички решенија за овие предизвици“, пишува Османи.

Тој на средбата се осврнал и на опасностите поврзани со хибридните ризици и закани, како што се злонамерните сајбер активности, кои имаат за цел да ги дестабилизираат државите и да предизвикаат несигурност кај граѓаните. Посочувајќи на неограничените можности и придобивки на дигиталната технологија во нашето современо живеење, министерот Османи истакнал дека нашата држава се залага за слободно, отворено, мирољубиво и безбедно опкружување во користењето на информатичката технологија.