Во време на пладневната молитва во џамијата во Штип, без посебна најави, пристигна министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу. Неговата посета е во рамките на проектот „Како сте“ на МВР, преку кој министерот разговара со граѓаните за нивните проблеми.
Нухиу се сретна само со муслиманските верници кои беа на молитва во џамијата.
– Продолжуваме со проектот „Како сте“ и ги прашуваме граѓаните за проблемите што произлегуваат од делокругот на Министерството за внатрешни работи. Јас сум тука за да ја пренесам пораката дека Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе биде секогаш отворено за да ја продолжиме нашата соработка – рече Нухиу.
Нухиу не го посети Секторот за внатрешни работи во Штип, чие седиште е на стотина метри од џамијата.
СВР Штип соопшти дека биле само информирани дека ќе доаѓа министерот и за неговата маршрута, по што му организирале обезбедување, како што налага законот.