Спроведување на итна постапка и преземање на сите дисциплински мерки од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство најави министерот за земјоделство Љупчо Николовски, по вчерашните снимки кои ги објави организацијата за заштита на животните „Анима Мунди“, со обвинувања за инспектор на АХВ од Берово дека малтретира јагне.

„Згрозен од монструозниот чин на Инспекторот за благосостојба на животните во подрачната единица Берово, на Агенцијата за храна и ветеринарство, најавувам итно постапување, и преземање на сите дисциплински мерки од страна на Агенцијата. Предизвикување стрес, малтретирање, и непотребно страдање на невини животни е за секаква осуда“, изјави министерот Николовски.

Организацијата „Анима мунди“ вчера објавија снимки од прослава на која, како што велат, се гледаат „лица што намерно се изживуваат врз животно, практично бебе“.

„Со заврзани нозе, маневрираат со него како со предмет, а не живо битие што трпи болка и страв, му нанесуваат непотребен стрес група на мажи меѓу кои седи инспектор за заштита на благосостојбата на животните од ПЕ Берово од Агенцијата за храна и ветеринарство. Видно задоволен го гледа и снима престрашеното животно во очи, сведок и соучесник во ова изживување е оној кој треба да го заштити, но го измачува“, пишуваат од „Анима Мунди“.

Од организацијата побараа покренување на дисциплинска постапка од страна на АХВ и отстранување на инспекторот од работното место. Активистите најавија дека и тие ќе поднесат пријави до сите надлежни институции.