Министерот за економија Бекир Незири денеска се огласи со остра критика на синоќешната акција на УЈП и на МВР во Скопје, Куманово и во Полошко и најави дека на првата наредна седница на Владата, ќе побара одговорност од организаторите на акцијата.
– Министерството за економија, но и јас како министер, сме категорично против овие акции и лично на следната седница на Владата ќе побарам одговорност од тие што ја организирале оваа акција со образложение дека тие што имаат дуќани во Старата чаршија, долги години работат во развивање на нивните бизниси. Ако за Република Македонија чаршијата е главна атракција, ние како Влада и Министерство не смееме, со големи полициски сили, да правиме акции за фискални сметки – вели министерот Незири, пренесува порталот „Нова ТВ“.
Незири вели дека во неколкуте дуќани што ги посетил немало случај на отпор, што го доведува во прашање големото присуство на полицијата.
УЈП и Државниот пазарен инспекторат во изминатите три дена спровеле даночни контроли во 53 објекти, од кои во 29 биле утврдени неправилности во фискализацијата.
– Координираните контроли на трите институции кои се спроведуваат неколкупати во годината на целата територија на Македонија се насочени, пред сè, кон ризични обврзници за кои пазарниот инспекторат има сознанија дека не го почитуваат законот за пушење и работното време, а УЈП во делот на регистрирањето на готовинскиот промет – информираат од УЈП, пренесува „Нова ТВ“.