За да се утврдат околностите и да се расветли случајот со смрт на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство, министерот за здравство Азир Алиу иницирал вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор, соопштија денеска во Министерството за здравство. Оваа најава следува по објавата на „Слободен печат“ за смртта на бебето.

„Изразуваме сочувство до родителите и потенцираме дека Министерството за здравство заедно со инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, се наведува во соопштението од министерството.

Оттаму замолуваат во овие, како што велат, тешки моменти за семејството, да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, до добивање на конечните резултати, за да не се создава немир кај семејството и во јавноста.

„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивање на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, се додава во соопштението.

Како што објави „Слободен печат“, надежно бебе, кое имало шанса за живот, починало на интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, на 1 октомври годинава, а смртта на семејството му била претставена како нешто што не можело да се спречи.

„Но, документите до кои дојде „Слободен печат“ покажуваат дека внатре во болницата, самата началничка на одделот за интензивна нега, д-р супспецијалист Елизабета Петковска, ја пријавила педијатарката од одделот, д-р Емилија Бадева дека „нејзиното несоодветно лекување предизвикало компликации од кои умрело бебето“, се вели во објавата.