Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети термоелектраната Осломеј кај Кичево, еден од клучните енергетски капацитети во земјата, соопшти новоформираното министерство. За време на посетата Божиновска констатирала оти состојбата е лоша, но се вложувале максимални напори, „а понекогаш и невозможното за да се стабилизираат капацитетите“.
„Машини кои се борат со товарот на времето, јаглен кој е далеку од квалитетот што би го поддржал производството, и техничка опрема која итно бара замена. Ова е само дел од катастрофалната состојба во која е оставен РЕК Осломеј. Но, покрај предизвиците, тука има и нешто друго – посветени луѓе кои одбиваат да се предадат, и планови за трансформација кои ветуваат нова ера“, истакна Божиновска според соопштението на министерството.
Директорот на РЕК Осломеј, Сашо Вренцоски, информирал дека, иако соочени со исцрпени резерви на јаглен и други проблеми сепак РЕК Осломеј успеал половина месец да помогне во обезбедување енергија за електроенергетскиот систем за постабилна грејна сезона.
„Доколку имаме дотур на јаглен, се надеваме дека термоелектраната ќе биде во можност да одговори на предизвиците и да помогне во текот на претстојните зимски месеци“, истакнал Вренцоски.
Според министерството за енергетика, вработен со 40 годишен стаж „со ист елан како и на почетокот на својата кариера“ ѝ рекол на Божиновска дека морале да го користат сето свое искуство и знаење за да го извлечат најдоброто од лошиот јаглен кој им бил донесен претходно, и кој сè уште го користат бидејќи мораат да ги дотрошат залихите како би и заштедиле на државата.
Министерката ја посетила и лабораторијата каде била информирана дека во таа установа ги имаат најточните резултати за составот на јагленот кој го испитуваат, и ѝ порачаа на министерката да не се сомнева во нивните резултати.
Министерката изразила желба, наместо работен состанок со раководството во канцелариите, да им се придружат на вработените во мензата.
Таа исто така, ја истакнала важноста на инвестициите во чиста енергија, а директорот за развој и инвестиции Владимир Пејоски ги претставил плановите за 2025 година, истакнувајќи дека трансформацијата е во тек.
„Градиме нови капацитети за обновлива енергија. Пред неколку дена објавивме оглас за изведувач на изградба на две фотоволтаични централи ФЕЦ Осломеј 2 и ФЕ Битола 1 со вкупна инсталирана моќност од 30 MW. Работиме и на физибилити студии за проекти кои ќе донесат уште поголема енергетска независност,“ рекол Пејоски.