Тетовската локална самоуправа одговорила позитивно на писмениот допис на Министерството за труд и социјална политика, кое побарало Општина Тетово да изнајде соодветна локација за изградба на нова детска градинка.
Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски, изјави дека во завршна фаза е административната процедура за изградба на три центри за ран детски равој во Тетово.
– Идејата за ваквиот поттик и иницијатива дојде од причина што последниве четири години Тетово и некои други општини, не биле влезени во капиталните расходи за згриживање на деца. Исто така сакам да истакнам дека вчера во Министерството за труд и социјална политика е потпишана дополнителна согласност за одлуката на Советот на Општина Тетово за отворање на три центри за ран детски развој – изјави министерката Ременски.
Министерката Ременски денеска во Тетово најпрвин оствари средба со Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, а потоа беше во Центарот за социјални работи Тетово.
– Со директорот на Центарот за социјални работи Тетово, разговаравме за проблемите во неговата установа. И тука констатиравме низа проблеми во однос на немање на доволно возила, кои се неопходни за теренска работа на вработените во центарот, нема доволлно компјутери, скенери, принтери и слично – изјави Ременски.