Владата на денешната седница, со која претседаваше вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска-Јанковска, им препорача на сите министерства до крајот на оваа недела да ги ажурираат нивните обврски и динамиката на исполнување на активностите предвидени во планот „3-6-9“, кои се однесуваат на шестмесечниот период од реформскиот план, соопшти владината прес-служба.

На седницата било соопштено дека Секретаријатот за европски прашања во текот на денешниот ден ќе им достави писмо со препораки за постапување во однос на мини-прашалникот за секое министерство, кое треба да послужи како информативен материјал во формирањето на најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во процесот за остварување на целта – враќање на препораката за почнување на преговорите со Европската Унија.

„Овој мал преглед за работата на Владата, кој треба да биде завршен до 17 октомври, доаѓа како одговор на поволните оценки за работењето на Владата на РМ, особено во делот на политиките на Република Македонија во ЕУ-интегративните процеси“, стои во соопштението.

Министрите денеска ја разгледаа и ја усвоија информацијата со статистички податоци за кривични предмети од областа на корупцијата за 2016 година и ги задолжија надлежните институции, МВР, Управа за финансиска полиција, УЈП, Царинска управа, Управа за финансиско разузнавање и Министерството за информатичко општество и администрација, во рок од седум дена до Министерството за правда да достават номинации за членови на работната група за преглед и за ажурирање на методологијата за релевантен статистички систем за надзор на антикорупциската политика, во согласност со препораките на Европската комисија.

На денешната седница била усвоена и информацијата за тринаесеттиот состанок на Поткомитетот за транспорт, животна средина, енергетика и регионален развој помеѓу Европската Унија и Република Македонија, по што надлежните министерства, јавните претпријатија, владините акционерски друштва и агенции беа задолжени да ги усогласат политиките со регулативите и со препораките на ЕУ во овие области.