Минатиот месец биле исечени рекорден број дрвја во Амазонија

фото: Adam Śmigielski на Unsplash

Бројот на исечени дрвја во Амазонската дождовна шума во Бразил во јануари го надминал уништувањето на шумите во споредба со истиот месец минатата година. Обесшумената површина била пет пати поголема од онаа во 2021 година, што претставува најголема уништена површина во јануари од почетокот на евиденцијата во 2015 година, пишува „Би-би-си“.

Во јануари биле обесшумени вкупно 430 квадратни километри, површина која е седум пати поголема од површината на Менхетен во Њујорк.

Екологистите го обвинуваат бразилскиот претседател Жаир Болсонаро дека дозволил сечата на шумите да се забрза. Шумите биле сечени заради користење на дрвото, но и за да се расчистат површините за да се засадат култури за снабудвање на глобалните прехранбени компании.

Инаку, на самитот за климатски промени КОП26 што се одржа во Глазгов во ноември, повеќе од 100 влади ветија дека ќе го запрат уништувањето на шумите до 2030 година.

Како што пишува „Би-би-си“, најновите сателитски снимки од бразилската вселенска агенција „Инпе“ ја доведуваат во прашање посветеноста на бразилската влада да ја заштити својата огромна прашума.

Мрежата „Гринпис“ ги повика супермаркетите во Велика Британија и во други земји да ја прекинат соработката со добавувачите на производи кои се вклучени во уништувањето на шумите.