Директорката на Инспекциски совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска / Фото: Влада на РСМ

Минатата недела, од 5 до 11 април, седумте инспекциски служби направиле 6.038 контроли, од кои најголем дел ги спровел Државен пазарен инспекторат, соопшти денеска претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашкоска.

Државниот пазарен инспекторат регистрирал 4.591 контрола и 623 надзори поврзани со почитувањето на протоколите за почитување на работата на угостителски објекти. При извршените надзори изречени се 25 прекршочни пријави, а донесени се 107 решенија за констатирани неправилности и 67 прекршочни платни налози.

„Од вкупниот број решенија, три се донесени поради непочитување Законот за заштита на населението од заразни болести и тоа за угостителски објекти во Струга, Гостивар и Битола пришто сите три се затворени на лице место и им се изречени прекршочни платни налози“, изјави Грашкоска.

Таа напомена дека од 1 март до сега, пазарниот инспекторат успеал да затворени 36 угостителски објекти поради прекршување на здравствените протоколи, а воедно им се доставени и прекршочни платни налози.

Инспекторите од Државениот здравствен и санитарен инспекторат во посочениот период издал 2.000 решенија помалку во однос на минатата недела, односно издадени се 11.962 решенија за изолација и домашно лекување на лица кои биле заболени од ковид-19 или биле во контакт со заболено лице. Дополнително овој инспекторат извршил 90 надзори, за што изречени се 15 решенија.

Државниот инспекторат за транспорт пак, спровел 52 надзори, пришто изречени се 14 прекршочни пријави и три решенија. Исто така во врска со протоколот за меѓународен превоз на патници констатирани се три неправилности и тоа на граничниот премин Табановце.

Трудовите инспектори од Државниот инспекторат за труд спровеле 397 надзор во различни правни субјекти и донесени се 22 решенија од кои 19 се поради непочитување на протколот за превентивни мерки за сите работни места. Воедно изречени се 2 прекршочни платни налози на вработени лица кои на работните места биле затекнати без заштитна маска.

Агенцијата за лекови и медицински помагала „МАЛМЕД“ изврши 13 надзори и притоа не се констатирани прекршувања и отстапување на протоколите. Додека пак, Агенцијата за храна и ветеринарство извршила 229 надзори. Инспекторите од оваа агенција издале 9 решенија и 14 едукации по различни основи.

Државниот инспекторат за животна средина во текот на минатата недела извршил 43 надзори, при што за констатираните неправилости изречени се седум решенија. Со две од нив се наредува на правните субјекти да извршат мерење на емисии во воздухот и водата, четири се однесуваат на јавни комунални претпријатија кои се задолжени да применат минимална технички услови на депониите на кои го одлагаат отпадот и со едно решение е издадена забрана за производство на електрична енергија се додека не се достигне котата на езерото.