Минатата година забележан историски пад во потрошувачката на фосилни горива во САД

фото: Pixabay

Американците минатата 2020 година потрошиле најмалку фосилни горива во последните неколку децении, покажуваат податоците на Американската управа за енергетски информации. Потрошувачката на нафта, природен гас и јаглен била намалена за 9 проценти во споредба со претходната 2019 година, што претставува најголемо годишно намалување откако управата почнала да собира вакви информации во 1949 година.

За поголемиот дел од падот на потрошувачката е одговорна пандемијата со ковид-19, бидејќи луѓето останувале дома за да го спречат ширењето на вирусот, па со тоа користеле и помалку гас. Во април минатата година цената на нафтата падна под нула, поради малата побарувачка.

Само сектор за транспорт во САД потрошил 15 отсто помалку енергија во 2020 година во споредба со претходната година. Повисоките температури минатата зима исто така придонеле кон намалување на побарувачката на енергија за греење. Како резултат на тоа, емисиите на стакленички гасови паднале на најниско ниво во последните 40 години.

Нафтените производи, како моторниот бензин, мазутот и течниот гас, сочинувале 44 отсто од потрошувачката на фосилни горива во САД во 2020 година. Генерално, потрошувачката на нафта паднала за 13 отсто во споредба со 2019 година.

Природниот гас учествувал со 43 отсто во вкупната потрошувачка на фосилни горива во САД минатата година, што претставува најголемо годишно учество, а неговата потрошувачка се намалила за 2 отсто во споредба со претходната година.

За разлика од природниот гас, потрошувачката на јаглен забележала најниско годишно учество во вкупната потрошувачка на фосилни горива, само 13 отсто, односно опаднала за 19 отсто во споредба со 2019 година.

Опаѓачкиот тренд на потрошувачката на горива во САД ќе мора да продолжи за да се избегне климатска криза. По повторното приклучување кон Парискиот договор за клима, американскиот претседател Џо Бајден ги обврза САД до 2030 година да го намалат загадувањето за половина од она што го емитувале во 2005 година.

Според Меѓународната агенција за енергија, за да се постигне оваа цел во САД, ќе биде потребно да нема понатамошни инвестиции во нови проекти со фосилни горива.