Да се намали стигмата што постои околу темата за менталното здравје на младите и да се отворат младински центри во кои на младите би им помагале психолози. Ова би ја подобрило нивната благосостојба, како и развојот на нивниот личен, социјален и професионален живот, смета Мимоза Серафимовска, студентка на Медицинскиот факултет и истовремено претставник на студентите во Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Таа во Владата неодамна презентираше решенија за да им се олесни животот на младите, предлагајќи да бидат отворени младински центри во сите општини. Исто така, на настан организиран по повод Година на млади – 2022, Серафимовска се обрати пред нејзините колеги, како и пред амбасадорот на делегација на ЕУ, Дејвид Гир, зборувајќи на тема „Ментално здравје и млади“.
„Се соочуваме со два проблеми, едниот е стигмата која постои околу темата ментално здравје. Во нашата држава ова е табу тема и најчесто лицата кои сакаат да добијат поддршка од психолог добиваат белег од општеството дека се болни. Тоа ги попречува да напредуваат во нивниот социјален живот и кариера. Вториот проблем е недоволниот пристап до места кои нудат психолошка помош, а со него се соочуваат младите поради тоа што најчесто не можат финансиски да си дозволат консултација со психолог“, вели Серафомовска.
Стигмата, според неа, би се намалила со кампањи со јавни личности кои би имале позитивен импакт врз широка публика, со цел темата ментално здравје да стане поактуелна и поприфатлива.
„Треба да се креира и платформа каде ќе се промовираат здрави животни навики и совети за справување со стрес и анксиозност. Платформата би била изведена во форма на веб страна или апликација која би била бесплатна и интуитивна за луѓе од сите возрасти со цел лесно да се користи. Оваа платформа би била достапна за сите, и истата би можела да се користи за објавување на разни настани поврзани со ментално здравје“, вели Серафимовска.
На 14ти јануари пред две години, Собранието го усвои Законот за младинско учество и младински политики. Тој го гарантира младинското учество и ги препознава младите и формите на младинско организирање. Во рамки на законот се дефинирани канцеларии за млади и младински центри, а во рамките на државните институции и општините е предвидено именување на службеник за млади, односно лице одговорно за работењето на канцелариите и центрите.
„Најважни се младинските центри. Тоа се места каде се подготвуваат и се спроведуваат програми што ја подобруваат благосостојбата на младите, како и развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите. Согласно Законот, секоја општина има обврска да формира младински центар во рок од 5 години од денот на влегувањето во сила на законот. Тоа значи дека нашата држава треба да располага со 80 младински центри“, наведува Мимоза.
Според извештајот изработен од страна на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), младински центри се отворени само во 8 општини (10 отсто од сите општини). Затоа апелите се што побрзо да се отворат овие младински центри и да започнат со работа.
„Овие центри се одлична можност за понатамошно развивање и унапредување, а ние би сакале да предложиме дополнување на младинските центри со психолози кои би пружале поддршка на сите млади лица и активно би работеле за подобрување на менталното здравје. Психолозите кои би работеле во овие младински центри би биле бесплатни и достапни за сите млади индивидуи. Нивното работење би претставувало засолниште за сите млади кои се соочуваат со стрес, анксиозност и други предизвици кои го попречуваат нивното секојдневно функционирање“, потенцира Серафимовска.
Дека она што недостасува е младите да имаат пристап до бесплатна психолошка поддршка која им е потребна, во рамки на секоја здравствена установa, неодамна истакна и Радмила Живановиќ, претседателката на управниот одбор на Фондацијата „Метаморфозис“, на дебатата која неодамна се одржа на платото пред вила Водно во организација на првата дама, Елизабета Ѓорѓиевска.На дебатата зборуваа експерти, а во истата учествуваа средношколци и студенти.