Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски побара Обвинителството да истражи колку пари за набавка на кинеските вакцини се уплатени на, како што рече, „фантомската фирма со само тројца вработени, регистрирана во даночниот рај Самоа“. За Милошоски, тоа е доказ дека премиерот Зоран Заев и Министерството за здравство трчале по провизии со намера да профитираат на сметка на здравјето на граѓаните.

„Коруптивно профитетерство е морално и кривично, едно неубаво, незаконито дејствие кое ги доведува граѓаните во опасност. Писмата објавени во „Ла Верита“ ја докажуваат нетрансапрентноста на власта и трката по профитерство и набавка на фантомски вакцини преку фантомска фирма“, изјави Милошоски денеска во Штип.

Тој побара власта да каже дали има преддоговор и од каде Филипче го познава директорот на компанијата „Старби“ од Хонг Конг.

Прашан за коментар за најавата на Државната изборна комисија (ДИК) дека локалните избори може да бидат одложени доколку до крај на март нема договор меѓу политичките партии, Милошоски го повтори ставот на неговата партија дека нема отстапки без набавка на уреди за отисок на прст.

„ВМРО-ДПМНЕ бара да се почитува законот за локални избори, а таму е пропишано како законска норма дека треба да имаме уреди за отисок на прсти при гласањето на локални избори. За да имаме избори кои никој нема да ги оспорува, и сите партии да чувствуваат дека имаат рамноправност без манипулации треба државата ДИК, МВР и сите политички партии да обезбедат набавка на вакви уреди. Во спротивно локалните избори ќе бидат спорни, а такви локални избори може да придонесат за неучество на изборите, непризнавање на изборите и може да биде дополнителен хендикеп за евроинтеграциите, бидејќи не може некоја држава да организира избори, а во законот да пропишува употреба на уред за отисок на прст“, кажа Милошоски, кој денеска е во посета на Штип.