fbpx

Милошоски: Обвинението против мене е за да се скрие криминалот на кланот Заеви

-

Откако беше поднесено обвинение против него и 12 други лица во случајот „Моќник“, предмет на поранешното специјално јавно обвинителство, а сега предмет на Скопското обвинителство, Антонио Милошоски порача дека обвинението е само обид да се скрие криминалот на кланот Заеви, но и притисок врз него, оти ја критикува власта.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје вчера до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против три лица и Обвинителен предлог против 10 лица кои биле инволвирани во продажбата на објект во с.Ижишта – општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница, соопшти Скопското обвинителство. Вклучени се и поранешни лустратори.

Антонио Милошоски смета дека покренувањето на обвинението против него е јасен сигнал дека власта ги заплашува и врши притисок врз сите што се осмелуваат да ја критикуваат.

„Обвинителството продолжува да биде алатка за притисок на власта кон неистомислениците. Секој опонент на политиката на кланот Заеви кој ги разоткрива аферите на нивното крими-владеење, без разлика дали е новинар, политичар или стопанственик, се соочува со ризикот да биде неосновано обвинет, со цел да биде заплашен, а политичките прогони служат како параван зад кои ќе се кријат актуелните рекети, афери и организиран криминал на власта. Но, се ќе има свој крај, вклучително и политичката злоупотребата на обвинители и судии од страна на власта на Заев“, напиша Милошоски на својот Фејсбук-профил.

Пратеникот Милошоски е третоосомничен и се товари за измама и за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Прво и второобвинет за измама, пак, се таткото на Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод. Останатите десетмина опфатени со обвинителниот предлог се претседателот на поранешната Комисија за лустрација Томе Аџиев и девет члена. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба.

Предметот е за зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кои биле во сопственост на Општина Македонски Брод, а ги користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50.000 евра.

„Во текот на 2011 година прво и второобвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на Општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е ’поранешниот задружен дом‘, а всушност одобриле отуѓување на зграда и дворно место во село Ижишта – Општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница. Со продажбата на објектот нанеле штета на Република Северна Македонија во значителна вредност од 1 795 800 денари (околу 30 000 евра) и за продажбата на земјиштето нанеле штета на општината Македонски Брод во значителна вредност од 1 176 000 денари (речиси 20 000 евра)“, стои во соопштението од обвинителството.

Според обвинителството, пратеникот Милошоски, искористувајќи ја својата позиција, вршел континуиран притисок врз државните органи, Државното правобранителството и судовите, за да не ја поништат продажбата на имотот.
Според ОЈО Скопје, на 27 октомври 2011, таткото на Милошоски писмено побарал од Советот на Македонски Брод да донесе одлука да се продаде задружниот дом во Ижишта и лажно навел дека тој веќе го користи просторот и сака да го купи за да отвори сопствен бизнис. Иако, тврди Обвинителството, знаел дека објектот е всушност делот кој не го користел тој, туку градоначалникот и администрацијата на Пласница и Управата за водење на матични книги.

Веќе наредниот ден Советот на Македонски Брод одржал седница на која го разгледал барањето. На седницата зборувал тогашниот градоначалник и, како што тврди обвинителството, лажно презентирал дека станува збор за објект кој претходниот општински совет му го дал на користење на таткото на Милошоски за 30 години, за што тврдел дека има и договор. За да може да се вложува во објектот, градоначалникот побарал советниците да одлучат да му се продаде објектот преку јавна лицитација.

Советниците доведени во заблуда, пишува во обвинението, едногласно донеле одлука за отуѓување на зградата и во апсолутна заблуда му овозможиле на градоначалникот да започне со постапката за продажба на објектот и дворното место. Градоначалникот понатаму, за да избегне конкурентност во наддавањето и да не се јави друг купувач, не го ни објавил огласот во „Службен весник“.

„Како наддавач се пријавил само првообвинетиот, кој единствено знаел за денот на јавното наддавање и го купил објектот кој бил сопственост на државата за цена од 1.795.800 денари, што е 670 денари повеќе од почетно определената за наддавањето. Парите биле уплатени на сметка на Општина Македонски Брод, а со второобвинетиот бил склучиле договор за купопродажба, кој како сопственик на објектот подоцна успеал во катастар да го впише објектот на свое име, како наводна техничка исправка, иако немал основа за такво впишување. Тој го купил и земјиштето по цена од 100 денари по м2, во постапка без јавно наддавање. Имено, иако според одлуката на Советот на општината најниска (почетна) цена во постапката за јавно наддавање за предметното земјиште требало да биде 100 денари по м2, и истата била објавена во службен гласник на Општина Македонски Брод, па сепак, донесена е одлука со ист евиденциски број, со која цената на земјиштето се ограничува да не биде поголема од 100 денари по м2“, наведува Скопското обвинителство

Тоа, тврдат оттаму, го искористиле таткото на Милошоски и тогашниот градоначалник и постигнале договор за купопродажба на земјиштето по цена од 100 денари по квадратен метар, додека реалната вредност определена со актите на Општината за тој регион била предвидена на 400 денари.

Откако се случила продажбата, градоначалникот на Пласница (чија општина го користела објектот) го контактирал по пратеникот и побарал од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ да ја испита постапката за продажбата.

„Владата оформила комисија, но, третообвинетиот, искористувајќи ја својата позиција на пратеник од владејачката партија, вршел континуиран притисок врз сите институции кои постапувале по овој предмет, за да остане во правна сила незаконитата продажба на објектот и земјиштето. Третообвинетиот паралелно со притисокот врз надлежните за непреземање активности за преиспитување на продажбата во име на Претседател на комисијата за надворешна политика, преку писмени барања иницирал инспекциски и полициски контроли врз едно правно лице, а организирал друго лице да поднесе барање до Комисијата за утврдување на фактите (Комисија за лустрација) со наводи кои треба да иницираат постапка за лустрација против судија“, наведува обвинителството.

Милошоски, според обвинението, го поттикнал претседателот на Лустрациската комисија, Аџиев, да отвори постапка за судија. Кога беше отворена истрагата „Моќник“, беше посочено дека станува збор за судија за кој се сметало дека е близок на градоначалникот на Пласница и може да го штити во судска постапка, па затоа била иницирана неговата лустрација.

Комисијата ја отворила постапката и Аџиев заедно со деветмина членови на Лустрациската комисија, според ОЈО Скопје, иако не биле исполнети критериумите донеле одлука да го лустрираат судијата кој бил времено оддалечен од вршење на функцијата судија во Основниот суд Кичево, а потоа и разрешен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...