Би сакал, во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија, да искажам едно разочарување, не толку од пратениците од ДУИ или од Алијансата на Албанците, колку од пратениците од Охрид, Томислав Тунтев и Жаклина Лазаревска, што не прифатија еден интервентен амандман од 2 милиони евра, кој би можел да биде на располагање на граѓаните што претрпеа штети во Ресен, Охрид и во Струга од серијата земјотреси кои се случуваа во изминатиот месец, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, откако Комисијата за финансирање и за буџет во саботата не ги прифати амандманите со кои се бара обесштетување на грѓаните.
Тој додаде дека оваа мала, но важна сума може да им биде од помош на граѓаните.
– Досега имаме информација во трите општини има повеќе од 850 пријавени штети на лични, приватни објекти, а истовремено се смета дека ќе биде потребно да се провери статистиката на одредени јавни објекти, како што се училишта, градинки, цркви, џамии, особено во постариот дел на Охрид, кои би можеле да имаат претрпено некои оштетувања, но не мора веднаш да се видливи – додаде Милошоски.