Милошоски го повика СДСМ утре во Собрание да го изгласаат изборниот законик

Две недели СДСМ има тенденција да не се постигне никаков договор, обвини Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, учесник во работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино.

Тој денеска пред Клубот на пратеници во Скопје рече дека 10 дена разговараат за законот за влада и за надлежностите на министрите и на замениците-министри, но СДСМ ги менува предлозите штом ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати.

– Бараме конструктивно однесување од СДСМ. Да не дозволиме поголемо продлабочување на политичката криза. Ние мислиме дека СДСМ ова го прави затоа што имаат неколку цели. Првата е продолжување и продлабочување на политичката криза, втората е да се изгуби препораката од Европската унија, додека третата е да се предзвика економска штета на државата. Загрижени од висината на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ се обидува да ги одложат изборите. Тоа што може да го направи СДСМ е усогласените реформи, како што е изборниот законик, уште утре да го изгласаме во Собранието – рече Милошоски.

Тој рече дека утринава имале билатерална средба со Питер Ванхауте, а до вечер треба да имаат уште една.

Одговарајќи на новинарско прашања како може амбасадорите да ги посочуваат претставниците на ВМРО-ДМНЕ за виновни, а тие, пак, да ги набедуваат СДСМ, Милошоски рече дека го ценат придонесот на сите меѓународни фактори и смета дека тој е корисен. Тој истакна дека очекува ВМРО-ДПМНЕ на изборите, кои ќе се одржат во април, повторно да освои мнозинство гласови.

На прашањето дали се размислува за одложување на изборите, Милошоски одговори дека тоа не е во интерес ниту на државата, ниту на политичките партии, ниту, пак, на меѓународната заедница. Тој додаде дека тие го прифатиле последниот предлог од белгискиот посредник во кој е предвидено министрите да имат заеднички овластувања во клучните министерства.