fbpx

Милошеска: Дискутабилни се планираните 4 проценти пораст на БДП за 2016 година

-

На амандманските расправи за предлог-буџетот за 2016 година, кои се во тек, опозицијата  ја обвинува власта дека буџетот за следната година е недомаќински и нереален, а власта, пак, се брани дека проекциите за пораст на БДП за 4 проценти се остварливи и дека буџетот развоен.

Наспроти ставовите и на едната и на другата страна, според професорката на Економскиот институт, Снежана Костадиноска-Милошеска, вистинската развојна компонента на буџетот во современа држава се цени според уделот на јавните и на приватните расходи во наука, истражување, технологии и во образование. Таа вели дека токму  знаењето и човечкиот капитал во 21 век се клучни фактори за пораст и за обезбедување долгорочен одржлив економски развој.

Буџетот за следната година е 3,18 милијарди евра и е највисок досега. Иако висината се оправдува со развојната компонента, сепак најголем дел од средствата се за плати во јавните институции, пензии, тековни трошоци. Која е Вашата оцена?

–  Вистинската развојна компонента во современа држава се цени според уделот на јавните и на приватните расходи во наука, истражување, технологии и во образование. Знаењето и човечкиот капитал во 21 век се клучни фактори за пораст и за обезбедување долгорочен одржлив економски развој. Впрочем, ние и според Европската стратегија за развој, имаме обврска да издвојуваме 3 проценти од БДП за истражување и за развој. Само со такви вложувања и со креирање општество базирано на знаење, можеме да го динамизираме развојот и побрзо да конвергираме кон нивото на ЕУ. Инаку, ние немаме развојна стратегија која постојано би се преточувала во годишните и во среднорочните буџетски политики со јасно дефинирани приоритети.

За изградба на капитални објекти, предвидени се 408 милиони евра, односно 12,9 проценти повеќе од лани. Дали оваа сума може да го оправда тврдењето дека буџетот е развоен, имајќи ги наспроти нив високите 790 милиони евра за пензии, 420 милиони евра за плати, 320 милиони евра за стоки и за услуги итн.?

– Не може да се оцени затоа што имаме редовни промени на овој износ во текот на годината, со ребалансите или со обична пренамена кај буџетските корисници и второ, проблематична е нивната реализација, што во крајна линија завршува со пониски износи. Структурата на капиталните расходи е дискутабилна. Прашање е дали ни се попотребни скапи административни згради, тениски игралишта и други забавни објекти или треба да ги обезбедиме прво животно-егзистирачките услови, како питка и чиста вода, одведување фекални и атмосферски води, одлагање на смет и сл.

ММФ и Светската банка постојано предупредуваат на непродуктивните трошења, за да се намали буџетскиот дефицит. Од друга страна, тој постојано се зголемува. Која е замката во која, со овој однос кон јавните финансии, можеме да западнеме во иднина?

– За инфраструктурните проекти треба да се гледа нивната економска оправданост, односно да се цени секое вложување. Исто како и во приватниот сектор, дали во иднина ќе го врати трошокот и ќе овозможи зголемени приходи со кои економијата би била одржлива и би можело да се враќаат долговите. Ова е, всушност, замката по јавните финансии на која упатуваат светските финансиски институции. Зашто дефицитите само го зголемуваат долгот, а го намалуваат просторот за корекција на овие политики.

Со пораст на економијата од 4,5 проценти годишно, на македонските граѓани ќе им требаат 30 години да го достигнат нивото на Европската унија, под претпоставка, во ЕУ, стапката на пораст годишно да изнесува 0,5 проценти. Возможно ли е тој пораст да биде поголем доколку во буџетот на една држава социјалната компонента не е толку изразена?

– Порастот може да се удвои и да се забрза зашто ги имаме сите потребни ресурси, особено човечки, но потребна е вистинска стратегија, друга организација, висока и вистинска посветеност кон земјата.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...