Дезинформацијата дека Украинците се западни „кукли“ е комбинирана со дезинформацијата дека самиот претседател Володимир Зеленски е „кукла“ на Западот – „марионета“. Целта на ваквиот наратив е да се ослабне украинскиот суверенитет и да се сугерира дека Украина нема вистинска власт и автономија. Исто така, со ваквиот наратив се цели да се ослабне домашната поддршка во Украина кон своите лидери и наклонетоста кон Западот, но и да се претстави Русија како земја што се брани, пренесува Вистиномер.
Пишува: Мирослава Симоновска
Исклучително вирална објава деновиве е актуaлизирана на социјалната мрежа Фејсбук, за да го воскресне лажниот наратив дека Европската Унија, Западот и НАТО на некој начин ја „принудуваат“ Украина да биде во војна со Русија. За да се дисеминира оваа конструкција, деновиве на Фејсбук се шири измислена изјава на Виктор Орбан којашто е од постар датум, но по потреба „испливува“ на површина. Тоа што Орбан никогаш не ја дал конкретната изјава, воопшто не влијае на брзината со која истата се споделува од профил на профил не неколку, туку десетици пати, со глорификација на Русија и сатанизирање на Западот.
Во изјавата провејува старата дезинформација која е многупати повторувана. На Орбан во уста му се ставаат зборови што никогаш не ги кажал и тоа како да ѝ се обраќа на Европската Унија:
Невистината дека „ЕУ и НАТО ги тераат Украинците да гинат за нив“, дека „Украинците се ЕУ и НАТО кукли“, од страна на проруската машинерија веќе се споделува како да се работи за генерална вистина или етаблиран факт. Претседателот на Светски македонски конгрес, Тодор Петров е еден од актерите во Северна Македонија кој на својот профил ја споделува невистинитата изјава која наспроти наведеното не доаѓа од премиерот на Унгарија Орбан. Истата се појавува и во група со наслов „Да се прогласи Сорос за персона нон-грата во Македонија“. Ја пронајдовме и во група со наслов „По патот на македонската историја“.
Друга варијација на темата со ист поттекст е и наративот дека „Украинскиот народ е заложник на неофашистичкиот режим на Зеленски“ и дека е „топовско месо за интересите на НАТО“. Украина е суверена држава со демократски избрана власт, а конкретно Зеленски во 2019 година победи на изборите со 73 проценти од гласовите. Всушност, никој не ги тера или принудува Украинците, а најмалку Западот, да се борат, туку тие се бранат како единствена опција откако Русија спроведе неиспровоцирана воена инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година, туркајќи ја Украина во војна. Доколку не се брани, Украина би потпаднала под окупација на голем дел од своите територии.
Впрочем, поновата историја е сведок дека во 2014 година Русија го анектираше Крим. Во 2022 година по почетокот на целосната воена инвазија, Русија нелегално прогласи за свои уште 4 региони што наиде на широка осуда од меѓународната заедница. Ако Украина не се брани, тогаш таа би морала да се предаде, а најбрзиот начин за тоа е да се откаже од понудената западна рака за помош и поддршка. Оттаму не може да се тврди дека Украина исполнува западни интереси на начин што го брани својот територијален суверенитет и интегритет.
Имаат сопствена држава, претседател, власт и територија, а сепак се „марионети на Западот“?
Ваквата дезинформација дека Украинците се западни „кукли“ е комбинирана со дезинформацијата дека самиот претседател Володимир Зеленски е „кукла“ на Западот – „марионета“. Целта на ваквиот наратив е да се ослабне украинскиот суверенитет и да се сугерира дека Украина нема вистинска власт. Исто така, со ваквиот наратив се цели да се ослабне домашната поддршка во Украина за своите лидери и наклонетоста кон Западот, но и да се претстави Русија како земја што се брани.
Официјалните лица на Кремљ продолжуваат да ја врамуваат Русија како да е во директна геополитичка конфронтација со Западот со цел да генерираат домашна поддршка за војната во Украина. Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров на 28 јули тврдеше дека „Русија води војна сама против цел Запад за првпат во историјата“ и дека „Русија мора да се потпре на самата себе“, како и дека „Русија нема сојузници на боиштето“. Но неговото тврдење дека Русија оперира сама во оваа војна против Украина, го игнорира тоа што добива поддршка од Северна Кореја, Иран и Кина. Северна Кореја прати балистички ракети, артилерија за да ја поддржи руската војна против Украина, а дополнително има економски и политички знаци за соработка меѓу Русија и Северна Кореја. Ирански дронови играат клучна улога во воздушните кампањи против украинските градови во текот на војната. Русија многу зависи од Кина во своите шеми за избегнување на санкциите, а кинеските фирми обезбедуваат критични компоненти за двојна употреба и микроелектроника за руската воена технологија. Засилувањето на односите меѓу Русија, Иран, Северна Кореа и Кина е растечка закана за западната безбедност и покажува дека Русија активно бара глобален антизападен сојуз.
Да се обвинува НАТО за војната на Русија е „корисен“ наратив. Го апсолвира агресорот, ја игнорира волјата на помалите нации и претставува мит што му служи само на еден господар: Кремљ.
Вистината е дека Украина е жртва на агресија од која мора да се брани. Иако Украина добива воена и економска поддршка од ЕУ, САД и НАТО, тие не испраќаат свои војници. Тоа значи дека самите Украинци мораат да ја водат борбата на теренот. Доколку Русија не почнеше воена инвазија во Украина, тогаш немаше да има потреба да се регистрираат војници од Украина кои би морале да ја бранат својата држава. Во комбинација со наративот дека „На 24 февруари 2022 година, руските трупи започнаа напад врз Украина нареден од претседателот Владимир Путин, кој ја нарече воената инвазија што ја почна „специјална воена операција“.
Западот помага во правото на самоодбрана
НАТО ја осудува руската брутална и непровоцирана воена агресија кон Украина. НАТО и сојузниците, ѝ даваат на Украина поддршка во нејзиното неспорно право на самоодбрана. Воената помош вклучува оружје, опрема и финансиска помош за украинската војска, но тоа што НАТО ѝ помага на Украина не значи дека Украинците се борат за НАТО и дека се „топовско месо“.
Тоа што НАТО ѝ помага воено (со испраќање оружје за одбрана) и финансиски на Украина, не значи дека Украинците се борат за НАТО и дека се топовско месо. Понижувачкиот наратив дека Украинците се изманипулирани да се бранат е дел од руската пропаганда со дезинформации во обид да се продаде дека „победата на Русија е неизбежна и дека западната помош за Украина само ја ескалира ситуацијата и го пролонгира страдањето“. Да се тврди дека Украина не постапува во свој најдобар интерес, туку како нечија „марионета“ има една единствена цел – да се поткопа суверенитетот на Украина која самата има и војска и лидери што одлучуваат.
Ако Украинците „умираат за НАТО“ дали тогаш може да се каже дека „Русите умираат за Кина“ која им дава опрема и техника за двојна употреба – и воена и цивилна, им продава делови за радари, па и цели радари и ги поддржува на разни начини, како што покажа истражувањето на CNBC во септември 2024 година?
Ниедна западна држава нема дадено војници за Украина, како што тоа го прави Северна Кореја со Русија која испрати 10 -12.000 војници, цели единици, и тоа организирано во униформа на Северна Кореја со поддршка и наредба на тамошниот режим.
Украина не следи западни наредби ниту Украинците гинат за Западот како „кукли“ и „марионети“, туку Украина ги следи своите национални интереси. Целта на Украинците е да ја одбранат својата држава од руската агресија, а целта на наративите за „Украинците кои умираат за НАТО“ имаат за цел да го поткопаат суверенитетот на Украинците. Милиони имаат волонтирано да ја бранат сопствената држава, домови, земја, суверенитет и демократија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
