„Секој градоначалник сака да стави свои луѓе, и администрацијата се дуе како балон. Тоа е невозможно да се издржи“, изјави вчера министерот за локална самоуправа Горан Милевски. „Мета“ во април направи споредба на официјалните податоци, според кои општинската администрација пораснала двојно од 2011 година.
– Градоначалниците да влезат со тимови, кои ќе имаат мандат додека трае мандатот на градоначалникот – изјави Милевски.
Тој рече дека на општините им е неопходно целосно реорганизирање, а Владата планира да го прошири процесот на децентрализација на локалната самоуправа и дел од надлежности на државата да делегира кај општинските власти.
Локалната самоуправа на крајот на минатата година имала двојно повеќе вработени отколку во 2011 година, покажува споредбата на два документи од Министерството за локална самоуправа и од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Динамиката на вработување во општините се удвоила по 2013 година, од кога бројот на вработени во просек годишно расте за 22 отсто.
Според Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2015-2020 на Министерство за локална самоуправа, во 2011 година во општините биле вработени 2.792 лица, а нивниот број на крајот на 2018 година бил 5.738, покажува Годишниот извештај за податоците од регистарот на вработените во јавниот сектор за 2018 година на МИОА.
Најголем број вработени во општинска администрација на 1.000 жители имала општина Македонски Брод (11.26), а најмал Арачиново (0.60).