Милениците да можат да се возат во јавен превоз, нова иницијатива до Градот Скопје

Советниците на Зелен хуман град започнаа иницијатива со гласање до Советот на Градот Скопје да се дозволи сопствениците на миленици заедно да користат јавен транспорт. Се бара измена и дополнување на Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, преку што ќе се овозможи граѓаните со миленици да го користат градскиот превоз, без разлика дали нивните милениците се во служба на придружба или не, доколку се уредно сместени во транспортер за мачки и другите мали миленици или се на поводник, доколку се кучиња.

Како што велат од ЗХГ, граѓаните кои имаат миленици се една од најдискриминираните групи во Македонија, бидејќи доколку не располагаат со сопствено возило или немаат доволно пари за такси превоз, немаат никаков начин да го транспортираат миленикот бидејќи во земјава не смееат да користат ниту еден јавен транспорт.

„Од една страна државата и институции промовираат одговорно сопствеништво, ненапуштање на милениците, а од друга страна го скратуваат основното човеково право на слободно движење, оневозможувајќи ги луѓето со своите миленици да стигнат дури и до ветеринар и во најитните ситуации, а камоли да ги спроведуваат посакуваните семејни активности со нив“, велат активистите од ЗХГ.

Граѓаните кои се засегнати од овој проблем може да гласаат на следниот ЛИНК.

Мета.мк многупати досега пишуваше за правата на животните. Како пример ја посочуваме Швајцарија како земја каде животните се максимално заштитени, а на оние кои ги повредуваат им следуваат тешки казни. Рената Богдановска и нејзиното семејство живеат во Швајцарија и се сопственици на миленикот Гизмо. Таа раскажува дека за го чуваат миленикот во оваа земја морале да се информираат за сите законски процедури, но тој денес ги ужива сите права.

Фото: Рената Богдановска / приватна архива

„Откако го донесовме од Македонија требаше да обезбедиме царински документи, вакцини и за седум дена морав да го однесам на ветеринар и да го пријавам во општина во дата-базата за животни. За него плаќаме и годишен данок, а тие пари се користат за помош на други животни. Му плаќаме и здравствено осигурување. Ние како сопственици моравме да поминеме обука со експерти и тренери кои не учеа како правилно се чува куче. Сега со Гизмо можеме да одиме и во воз, и во автобус, а и во ресторани и продавници кога си купуваме облека“, раскажа Рената.

Фото: Рената Богдановска приватна архива