Фото: Архива на Мета.мк

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и две други обвинети лица денеска признаа вина во судскиот процес „Дизајн“ којшто се води за набавката на кинеските автобуси „Јутонг“ за ЈСП-Скопје во периодот од владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Откако тие признаа вина, Основниот кривичен суд Скопје објави дека Јанакиески и двете други обвинети се осудени на условна казна затвор од 2 години која нема да се реализира, доколку тие не сторат друго кривично дело во наредните 5 години. Двете други лица кои ја признаа вината биле членови на Комисијата за јавни набавки на автобусите.

Во случајот „Дизајн“ како обвинето лице е и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, кој на денешното рочиште од судскиот процес изјавил дека не чувствува вина, не го разбира обвинението и се изјаснил за невин. Судскиот процес за него ќе продолжи со ново судско рочиште што ќе се одржи на 28 март.

Инаку, обвинението го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, а истрагата ја водеше обвинителката Лиле Стефанова. Предметот е за распишаниот тендер од февруари 2010 година за набавка на 200 двокатни автобуси за потребите на ЈСП-Скопје.

Тие се обвинети дека постапиле спротивно на Законот за јавни набавки и фаворизирале економски оператор кој до денот на отворање на понудите немал доставено банкарска гаранција за понудата и сертификат за квалитет што се барал на тендерот. Воедно, конкурентската фирма во тендерската постапка доставила за над 4,7 милиони евра поевтина понуда за автобусите, но и покрај тоа, на тендерот била избрана кинеска компанија од која што се набавени двокатните автобуси.