Милан Димитриев со најдобро идејно-графичко решение за „50 години МКЦ“

Извор на фотографија: МКЦ

На Конкурсот што го распиша Младинскиот културен центар (МКЦ) за идејно-графичко решение и визуелен идентитет за „50 години МКЦ“ за најдобар е избран трудот на Милан Димитриев, соопштија од МКЦ.

Поради високиот квалитет на пристигнатите решенија, како што се истакнува, жирито одлучило да му даде пофалница на второрангираниот Гоце Велески.

Тие информираат дека на овој конкурс пристигнале 51 апликација со визуелни решенија, во кои е видлив високиот квалитет по однос на естетско-графичките параметри, што го направило изборот на победничкиот труд да биде навистина тежок.

Инаку, Конкурсот има за цел создавање визуелен идентитет и препознавање на јубилејот „50 години МКЦ“. Избраното решение е наградено со паричен износ од 50.000 денари.

Домот на млади „25 мај“ е основан во 1972 година, а за 50-годишнината од неговото постоење е предвидено годинава да се одржат серија од настани.