Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков денеска во Основниот кривичен суд во Скопје, за предметот „Трезор“, е прогласен за виновен и доби казна затвор од 8 години.
За виновни беа прогласени и обвинетите, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, кој доби казна затвор од 5 години за помагање, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, казна затвор од 5 години, а на поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, кој е во бегство, Судот му изрече казна затвор од 15 години.
Судот, освен тоа, побара сите обвинети солидарно да ја надоместат штетата во буџетот од околу 48 милиони денари, 780 илјади евра, направени по основ на предметот „Трезор“, како и сите досегашни судски трошоци.
Јавното обвинителство побара мерка притвор за Сашо Мијалков и за Небојша Стајковиќ, со објаснување дека, имотната состојба на Мијалков му овозможува услови за бегство во Прага, каде тој има адреса за престој. Одбраната на Мијалков побара од Судот да не се продолжува притворот, затоа што тој веќе ја издржува оваа мерка за предметот „Таргет-Тврдина“ и повторно наведе дека обвинението за овој случај е засновано врз претпоставки и дека за него нема докази.
Предметот „Трезор“ се однесува на злоупотреба на средства од буџетот на државата, за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.
Првообвинети се Сашо Мијалков, Небојша Стајковиќ, Горан Грујевски, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање. По денешната пресуда, имаат право на жалба до Апелација.
Денеска во завршниот збор, Обвинителството посочи дека, наместо МВР да направело директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАММА од Велика Британија, обвинетите лично ја договориле набавката на состанок во Лондон со претставници на ГАММА. Набавката одела преку скопската фирма – посредник „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, при што се направила злоупотреба на буџетски средства.
Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, се водел како сопственик на „Финзи ДООЕЛ“, а како краен сопственик се појавува името на Јордан Камчев, беше кажано на денешното судско излагање на пресудата.
Случајот „Трезор“ го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е ОЈО за организиран криминал, кое го презеде предметот од поранешното СЈО.
Претходно Сашо Мијалков беше осуден на уште 12 години затвор во случајот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на незаконското прислушување на 20.000 граѓани од 2008 до 2015 година во време на владеењто на ВМРО-ДПМНЕ.
Неколку дена пред да биде донесена пресудата Мијалков беше времено недостапен за органите на прогонот, за откако беа распишани и меѓународна и национална потерница, да се појави пред судот тврдејќи дека бил во изолација поради симптоми на ковид.