fbpx

Михајлоски: Од борбата со оваа подла болест ќе ми останат две лузни – една на лицето и една во душата

-

Сосема беше во право британскиот премиер Борис Џонсон, кога кажа дека новиот вирус е како крадец. Доаѓа од „нигде-никаде”, и за брзо остава пустош зад себе. Во случајот со моето семејство, зеде и живот – на татко ми, напиша новинарот Гоце Михајлоски кој на својот профил на Фејсбук го опиша Ковид-19 патешествието низ кое помина тој и неговото семејство неодамна.

Пред безмалку еден месец, министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција соопшти дека двајцата лидери на најголемите политички партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски се во домашна изолација, бидејќи биле гости во емисија кај Михајлоски, кој бил позитивен на тестот за корона вирус.

– Во семејната куќа во Прилеп вирусот „влегол“ кон крајот на март. Викендот 28-29 март бев во посета на родителите, неполни 24 часа, тогаш полицискиот час беше од 16 часот. Подоцна се покажа дека тоа е и последна средба со татко ми. Никој немаше никакви симптоми и не можеше ниту да претпоставиме дека “непријателот” е тука. Од каде дошол не знаеме, можеме само да погодуваме, ама тоа сега веќе е и ирелеватно. Седум дена подоцна, на 5 април недела, додека сѐ уште бев на работа, попладнето околу 16 часот почувствував омалаксаност. Веднаш заминав дома (тоа беше мојот последен ден на работа), а вечерта добив покачена температура (38.4) и треска. Нормално, веднаш се појави стравот дека можеби “ова е тоа” за кое толку слушавме и зборувавме. Помеѓу двете интервјуа, ми додеваше главоболка на која тогаш не и обрнав особено внимание со оглед дека ја имам често кога сум под стрес и под притисок. Траеше прилично долго, три дена. Не помагаа никакви апчиња, а исчезна дури неделата вечер, кога се појавија температурата и треската – пишува Михајлоски.

Ова било аларм да се јави кај матичниот лекар. Ги кажал симтомите и информацијата дека и неговите родители имаат слични симптоми, но според електронскиот прашалник излегло дека нема доволно индикации да биде тестиран. Барал алтернатива во приватните лаборатории кои прават такви т.н. молекуларни тестови, но без успех. Следниот ден се тестирал во „Систина“, а тестот бил негативен. Во меѓувреме, состојбата на неговиот татко се влошила, по што требало да биде пренесен на Инфективната клиника, а откако ја чул оваа вест, и Михајлоски бил хоспитализиран во „8 Септември“, каде првично отишол да му сошијат рана со која се здобил при пад откако загубил свест по информацијата за татко му. Тестовите и на двајцата биле позитивни. Примал терапија „сумамед“ и „трицеф“.

– Продолжи неизвесноста со татко ми. Тој веќе втора недела беше приклучен на машината за дишење. Само еднаш (четвртокот на 23 април) ни кажаа дека има некакво подобрување на крвната слика и рентгенот, но предупредија дека рано е за било каква радост. На 27 април при редовниот телефонски контакт со лекарите во Инфективна (секој ден од 14-15 часот се јавуваше сестра ми) добивме информација дека состојбата на татко ми по повеќе витални параметри се влошила.
Ми ѕвонеше непознат број, а уште пред да одговорам, интуицијата веќе ми говореше дека не е за арно. Ми беше соопштено дека татко ми починал. Погребот беше извршен рано, повторно според процедурите за вакви случаи, со полициски надзор. Имаше 63 години и беше релативно здрав човек, без некои сериозни хронични болести. Присуствуваме само неколкумина од најтесното семејство, сите со маски и на растојание поголемо од два метри. Веќе во раните попладневни часови се вратив во Скопје, неколку минути пред министерот да ја соопшти статистиката за последното деноноќие. Во неа ме имаше и мене, го имаше и татко ми. Јас во оздравените, тој во починатите – раскажува Михајлоски.

Тој им порачува на луѓето да носат маска и да држат растојание.

– Јас од почетокот на епидемијата ги практикував и двете, освен дома. Се покажа недоволно за мене, но доволно да не го пренесам вирусот никому. Сите што беа во контакт со мене – и лидерите, и колегите, и моите дома, останаа негативни. Жалам за непријатноста и неизвесноста што им ја предизвикав на сите што беа засегнати на некој начин. Вирусот веројатно веќе стивнува, но по игра на случајноста ако почувствувате некакви симптоми не чекајте, јавете се на лекар! Подобро е да мислите дека го имате, а тестот да го покаже спротивното, отколку да мислите дека го немате, па да задоцните со лечењето. Можеби татко ми ќе имаше шанси да побарал помош неколку дена порано. Да изразам благодарност за сите медицински лица што се грижеа за мене и се бореа за татко ми. Тие анонимни херои работат во смени и од по 24 часа во исклучително тешки услови со маски, скафандери, наочари, визири… Заслужуваат и повеќе и подобро. Од борбата со оваа подла болест ќе ми останат две лузни – една на лицето и една во душата – вели Михајлоски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...