Толпа мигранти, заглавени кај Идомени, утрово со импровизиран „овен“ успеале да ја пробијат жичената ограда на јужната граница и да влезат на македонската страна, пренесе „Би-би-си“.
Британскиот национален сервис јавува дека на видеоснимки од местото можат да се забележат мигранти како ја туркаат оградата и ја кинат бодливата жица, додека полицијата со солзавец се обидува да ги одврати од намерата и да ги врати назад.
Од МВР засега ниту ги потврдуваат ниту ги демантираат овие информации. Оттаму велат дека ги проверуваат информациите и повеќе детали најавија за подоцна.
Дел од оградата била урната со импровизирана направа за уривање огради. Засега не се знае колку мигранти успеале да ја поминат оградата и да влезат во земјава.