Опозициската ВМРО ДПМНЕ и нуди на Владата решенија за спас на економијата и предложи некои чекори со кои Владата може да дојде до 1 милијарда 200 милиони евра без кратење на платите.

„Прв чекор е веднаш благајничките записи со кои што се стерилизираат отприлика 25 милијарди и 200 милиони денари средства ликвидност на банките во Народната банка, веднаш да бидат откажани за месеците што следат и наместо тие благајнички записи да бидат запишани државни хартии од вредност кои што ќе ги издаде министерството за финансии и ќе имаат рок од еден месец и така секој месец тие ќе се обновуваат и продолжуваат“, рече претсeдателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес конференција.

Следниот чекор, според ВМРО ДПМНЕ, е средствата што беа уплаќани во вториот задолжителен приватен пензиски фонд со уредба на Владата да бидат пренаменети и  да бидат од први април уплаќани во државниот задолжителен пензиски фонд. На тој начин ќе се обезбедат дополнителни 10 милијарди денари што ќе гарантираат стабилна, сигурна и навремена исплата на пензиите на пензионерите.

„Еве како да обезбедиме дополнителни 35,36 милијарди денари заедно со оние 600 милиони евра по кои веќе тргнавме во потрага во обезбедување, а тие ќе значат сигурно, надежно и безбедно пребродување на оваа пред се здравствена, а потоа и економска криза“, предложи Мицкоски.

Што се однесува до кратењето на платите во администрацијата, според ВМРО ДПМНЕ, тие треба да се намалат за 10 проценти, додека трае кризата, а потоа да се вратат на претходното ниво.