fbpx

Мицкоски му се закани на Заев со политички пекол, Сиљановска гледа потреба од предвремени избори

-

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес конференција вечерва по објавувањето на резултатите од претседателските избори им порача на СДСМ и на Зоран Заев дека ги очекува „политички пекол“ што ќе го предводи ВМРО-ДПМНЕ, како најголемата политичка сила во земјава. Мицкоски прогнозираше дека на следните парламентарни избори ќе постигне триумф, освојувајќи половина милион гласови.

– ВМРО-ДПМНЕ, споредено со коалицијата на СДСМ, со онаа „хотел коалиција“, освои најголем број гласови. ВМРО-ДПМНЕ направи одличен резултат. ВМРО-ДПМНЕ е повторно најголемата политичка сила во Македонија. Нѐ навредуваа, измислуваа, конструираа, уценуваа, правеа политички прогон на нашите симпатизери, ни ускратија финансии на кои законски имавме право, но ние работевме, заедно со професорката дојдовме до блиску 380.000 гласови. И ќе продолжиме да работиме, а тие нека уценуваат, конструираат, измислуваат, но нека знаат дека ВМРО-ДПМНЕ е политичкиот корен, ние продолжуваме да работиме со двапати поголема енергија, за на следните парламентарни избори да ја постигнеме онаа бројка што ја заслжуваме, а тоа е половина милион гласови.

Од самиот почеток на говорот до крајот тој зборуваше за големо постигање на неговата партија. Притоа својот политички противник, лидерот на СДСМ, и новиот претседател ги споменуваше првин со презимето, а потоа со името.

– Заев Зоран и Пендаровски Стево знаат што ги чека и што ќе им тежи од денеска натаму. Да не знаеја, немаше да ги имаат тие скиселени насмевки, оти нив им следува политички пекол, што ќе го предводи најголемата партија – рече Мицкоски.

Во невообичаено долго обраќање, Гордана Сиљановска – Давкова, која одбегна да му честита на победникот, порача дека е горда на резултатите, коишто, според неа, налагаат да се размисли за предвремени парламентарни избори. Истовремено, таа рече дека е многу горда и на својата кампања, оти ја подмладила и ја научила на многу работи што не ги знаела.

– Бројките говорат за пораз, обично поразените не се чувствуваат добро, но јас никогаш не сум се чувствувале посмирено, побогато, попродуховено. Ние жените обично забележуваме кај другите жени сѐ, па јас слушам дека сум се подмладила, сум изгледала подобро отколку во првите денови на моите настапи. Токму поради граѓаните… видов невидено рабирање, невидена енергија, дијалог, кој кажуваше дека она што го кажувам допира до нив, до нивниот ум, срца и тоа ме подмлади – рече Сиљановска – Давкова.

Таа порача дека на претседателските избори сепак, според неа, победила „партократијата, а не демократијата“.

– Јас уште мислам дека политиката има логика ако се перцепира како уметност на можноста да подобрите нешто во политичкиот систем, да внесете нешто ново, да критикувате, да повикувате на граѓаните и нивните потреби, да посочувате на добрите европски практики и приказни и да нудите решенија. Се обидов да го направам тоа. Но не можам да не кажам дека политиката во Македонија сè уште не е уметност, политиката во Македонија сè уште е во рацете на партиите, тие најмногу одлучуваат каде ќе отидат гласовите, а не самите граѓани. Ако го анализирате контингентот на гласовите што се пренесоа во вториот круг кај оние што преговараат, ќе видите дека политиката во Македонија е уште заложник – рече Сиљановска – Давкова.

Таа нагласи дека иако резултатот е јасен, малата разлика зборува за голема поделеност во земјава и рече дека е време да се размисли за предвремени парламентарни избори.

– Резултатот, се разбира, е јасен, но прашање е дали ваквиот резултат, спореден со резултатот на победениот, дали води кон помирување и обединување или означува една поделба внатре во државата по повеќе основи, поделба која има карактер на интраетничка поделба? Мислам дека победниците треба добро да размислат за ова, оти поделбите не креираат амбиент за реформи, туку само помирувањето и консензусот околу потребниот амбиент за реформи, а нам ни се тие насушна потреба. Јас до вчера тврдев дека граѓаните имаат право да гласаат како личност, но резултатот не го потврдува ова. Резултатот зборува за делегитимирање. Резултатот наметнува потреба од разговори и преговори како да се оди напред, но јас мислам дека ситуацијата е таква што сериозно треба да се размислува за предвремени парламентарни избори, зошто кога ќе ги споредите бројките, се гледа дека ситуацијата е радикално сменета во протекот на овие две и пол години – рече професорката Сиљановска – Давкова.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Со 78 гласа „за“, Собранието денеска го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите. Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање...