Сите надлежни во Општина Гостивар и јавните претпријатија треба да сносат морална одговорност за епидемијата прогласена заради загадувањето на водата во градскиот водовод, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи дека во Општината владее летаргија, заради што Владата морала да преземе дел од обврските за да се менџира состојбата и да им се олесни животот на граѓаните во овие услови.

„Морална одговорност треба да има за сите од прв до последен, а Обвинителството ќе се занимава со другите аспекти на одговорноста. Во Општината владее летаргија заради што Владата презема одговорност и во последните два дена ги заврши сите потребни активности. Институтот за јавно здравје ја заврши постапката за испитување на водата, а резултаите се веќе предадени до ОЈО, кое сега е на потег да излезе со квалификација на делото“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека за жителите на Гостивар секој ден ќе бидат обезбедувани најмалку 50.000 литри вода и побара Јавното комунално претпријатие веднаш да започне со чистење на системот за граѓаните во следните неколку денови да можат да ја користат водата барем за технички потреби. Мицкоски најави дека ќе се анализира и извештајот од надзорот на изградбата на градскиот водовод.