Владата знаела еден ден пред да излезат пораките дека водата во Скопје е загадена со бактеријата Ешерихија коли, дека се подготвува хибриден напад преку социјалните медиуми. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека тоа е дело на опозициски партии, заради што повеќе лица се повикани во полиција и дека Министерството за внатрешни работи спроведува истрага за случајот за кој, како што вели, имаше цел да внесе немир и несигурност кај граѓаните.
„Минатата година слични хибридни напади преку социјалните медиуми имаше за пожарите, а претходно и на други теми дека државата ќе банкротира, дека ќе влезат илјадници мигранти, дека ќе имаме енергетска криза и слично. Се надевам дека со измени во Кривичниот законик ќе има одредба за овакви дела со кои свесно се создава хистерија, се врши хибриден напад и се создава немир и страв кај населението“, рече Мицкоски и додаде дека зад случајот може да има и комерцијални обиди бидејќи маркетите ги испразнија залихите на вода.
Тој информира дека истрагата на МВР е во тек и дека од таму ќе се чекаат деталите за случајот.
Во врска со водата во Гостивар, Мицкоски посочи дека Владата интервенирала за да се прочисти водоводот, но и дека од сега па натаму одговорноста е на општината и на раководството на јавното комунално претпријатие.
„Со водоводот стопанисува јавно претпријатие чие раководство го поставува градоначалникот, кој беше поддржан од СДСМ. Владата во изминатиот период се вклучи и обезбеди помош за нормализирање на состојбата, а системот беше целосно прочистен за помалку од четири недели. Во тој период секојдневно се обезбедуваа меѓу два и три шлепери со вода за пиење, односно околу 50 до 60 тони вода дневно за пиење“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека и во минатото имало извештаи дека водата во Гостивар е со несоодветен квалитет, но не било постапено и нагласи дека за ова прашање веќе работат Обвинителството и МВР, каде истрагата сè уште не е завршена и ќе продолжи сè додека не се утврди одговорноста на сите инволвирани.
