Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена во секое време да излезе на избори, но дека Владата останува фокусирана на реформската агенда и на испорака на резултати.

Одговарајќи на новинарско прашање дали темата за предвремени парламентарни избори останува отворена и дали се разговара со политичките партии за евентуален термин, Мицкоски рече дека целта на Владата оваа година е да се фокусира на реформите.

„Што се однесува за избори, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена секогаш да излезе на избори. Нашата цел оваа година е да се фокусираме на испораката фокусирана на реформската агенда“, изјави Мицкоски.

Тој информираше дека утрово, пред настанот, заедно со колегите од Владата имале координативен состанок, кој го оцени како „исклучително плоден“. Според него, резултатите од реформската агенда треба да ја придвижат земјата од, како што рече, „дното што го наследивме“ до ниво на државите што се сметаат за предводници во процесот.

„Како резултат имаме испорака со којашто од дното што го наследивме ќе нè доведе да бидеме рамо до рамо со таканаречениот фронтранер. И тоа е добро и ќе продолжиме во таа насока“, рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека за следната недела е договорен нов состанок, а Владата очекува напредок во извештајниот период што завршува на крајот на јуни.

„Извештајниот период којшто завршува крајот на јуни, сакаме од 10 да се обидеме да бидеме до 9,5. Очекувам и тоа да го реализираме“, рече Мицкоски.

Во однос на изборите, тој рече дека Владата сака редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година, но повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и за предвремени избори.

„Како Влада сакаме да имаме редовни парламентарни избори во пролет 2028 година. Но, како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени во секое време да имаме парламентарни избори и да победиме на тие избори“, изјави Мицкоски.