„Од минатото треба да извлечеме поуки и да градиме држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која управуваме мудро, одговорно и во рамките на институциите“, напиша денеска премиерот Христијан Мицкоски, по повод годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Тој вели дека договорот е дел од нашата понова историја и од политичката и институционалната реалност на државата, како и дека е важно на овој документ да гледаме со зрелост, со почит кон различните ставови што постојат во општеството и, пред сè, со одговорност кон иднината.
„Свесни сме дека Рамковниот договор различно се доживува и толкува меѓу граѓаните. Историјата не треба да ја приспособуваме на дневната политика, ниту да очекуваме сите да имаат ист однос кон настаните од минатото. Но, наша обврска е од минатото да извлекуваме поуки и да градиме држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која управуваме мудро, одговорно и во рамките на институциите“, пишува Мицкоски.
Тој вели дека по повеќе од две децении се соочуваме со нови предизвици, во кои младите очекуваат функционални институции, еднаквост пред законите, квалитетно образование, подобро здравство, повисок животен стандард, економски развој и можности својата иднина да ја градат дома и посочува дека тоа се прашањата околу кои треба да се обединуваме, без оглед на етничката, верската или политичката припадност.
„Време е политиката сè помалку да се занимава со тоа што нè разделува, а многу повеќе со она што заеднички треба да го изградиме. На Македонија ѝ е потребно општество во кое вредноста на човекот нема да се мери според неговото потекло, туку според неговото знаење, труд, чесност и придонес кон заедницата. Држава во која институциите ќе му служат на граѓанинот и во која напредувањето ќе зависи од способноста и резултатите. Нашата одговорност денес е да создадеме стабилна и сигурна држава во која секој ќе се чувствува почитуван и еднаков пред законот, а истовремено да изградиме заедничко чувство на припадност и одговорност кон државата“, вели Мицкоски.
Тој нагласува дека минатото не можеме да го промениме, но можеме да одлучиме каква иднина ќе изградиме, која мора да биде ослободена од етнички тензии, политички манипулации и поделби кои со години се користеа како замена за резултати.