Додека не видиме напредок во  испорака на правдата, судиите и обвинителите нема да добијат повеќе пари, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го извештајот на Европската комисија (ЕК) кој беше објавен вчера, а се однесува на земјите-членки како и на земји-кандидатки за членство во ЕУ.

„Од сите споредено претходно овој е најдобар извештај. Не е одличен, констатитрани се забелешките, има многу пофалби, но има и критика. Прво, констатиран е притисок од страна на политичари кон судството, второ, имаме и констатиран факт дека требало повеќе пари да има за обвинителите и судиите и трето, има критика за самите судии и обвинители што е контрадикторно на вторито. Јавно ги повикувам да испорачаат правда и ќе продолжам во таа насока да коментирам. Самите граѓани констатираат дека немаме задволителна испорака на ниво на правосудниот систем и затоа ќе продолжам во таа насока да испраќам пораки, додека не видиме напредок во испорака на правдата. Пари повеќе нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавното обвинителство да се стави сума од 0,5 од буџетот, нема да добијат зашто не ги заслужиле“, кажа Мицкоски.

Тој додаде дека очекува тие да донесат правда.

„Она кое ние го овозможивме со овие измени е фактот дека се што побараа во делот на вработувања самостојност се добива. Пари повеќе нема. Ако некој мисли дека на овој начин ќе врши притисок врз Владата, нема да успее. Независност со пари не се обезбедува туку со работа, а не со допишување на саати работа, дежурства, процент. Од една страна велат судскиот систем не испорачува, а од друга страна Владата да даде повеќе пари. Или ќе почнат да испорачуваат па да добијат, или нема да добијат“, кажа тој.